🎥 СОПСТВЕНИЧКАТА НА КЛУБОТ ВО КРАН-МОНТАНА БЕГАЛА СО ПАРИТЕ ДОДЕКА ЛУЃЕТО ГОРЕЛЕ? На дочекот на 2020 година келнер предупредил да не се доближуваат прскалки до пената
Мистерија во целата истрага е фактот дека телата на жртвите им се вратени на семејствата без извршена обдукција и без наведена причина за смртта во документите.
Се појавија нови информации за трагичниот пожар во швајцарскиот Кран Монтана, каде што во новогодишната ноќ во клубот „Le Constellation“ животот го загубија 40 лица, главно млади. Како што наведува весникот Repubblica, надзорните камери наводно ја снимиле сопственичката Џесика Морети како го напушта запалениот клуб носејќи ја во рацете касата со пари.
Дека сопственичката бегала со касата цврсто стегната во рацете додека гостите ги голтал пламенот, раскажале и сведоци. Поради тоа, полицијата ги прегледува сите достапни снимки од клубот, вклучувајќи ги и оние од надзорните камери кои примарно го покривале влезот во барот.
Џесика била во клубот со својот син
Според досегашните информации, Морети во моментот на избувнување на пожарот била во клубот со својот син од првиот брак, кој воедно бил и раководител на персоналот, а и самата здобила изгореници на раката. Нејзиниот сопруг и сосопственик на клубот, Жак, во тоа време се наоѓал во друг локал.
Снимките од уличните камери наводно прикажуваат драматично различно однесување на мајката и синот. Додека младиот човек внатре се обидувал да ги скрши панелите од плексиглас на верандата за да ги ослободи заробените гости, таа, како што се чини на снимката, побегнала на улица – со касата во раце.
Доколку се потврди автентичноста на снимката, овој детал би можел значително да ја влоши правната положба на сопственичката. Таа и сопругот Жак се товарат за убиство од небрежност, нанесување повреди и предизвикување пожар од небрежност, а сопственичката на барот сега би можела да се соочи и со обвинение за непружање помош.
Обвинителката Беатрис Пилу исто така размислува за засилување на обвинението во евентуална умисла за двајцата осомничени. Повеќе елементи укажуваат на тоа дека сопствениците биле свесни за огромниот ризик за гостите: од лесно запаливите материјали користени за таванот и затворените излези за итни случаи, до целосниот недостиг на противпожарен систем и апарати за гаснење.
Келнер предупредил на панелите на дочекот на 2020 година: „Внимавајте на пената!“
Полицијата, барајќи одговори на прашањето што точно се случило во кобните минути меѓу избувнувањето на пожарот и огнената стихија која во новогодишната ноќ однесе 40 животи и остави 116 повредени во клубот „Le Constellation“ во Кран Монтана, прегледува бројни снимки. Анализата би можела да доведе и до промена на обвинението против сопствениците, семејството Морети, од небрежност во намерно предизвикување опасност, со оглед на тоа што, како што се сомнева, знаеле за ризиците, но не сториле ништо за да ги спречат, пишува Il Messaggero.
Истражителите посветиле посебно внимание и на постарите снимки, како онаа од дочекот на Новата 2020 година. На неа се гледа како во клубот прскалките од шишињата се креваат кон звучно изолираниот спуштен таван, додека член на персоналот двапати предупредува: „Внимавајте на пената“. Тоа, според обвинителството, би можело да биде клучен доказ дека сопствениците биле свесни за опасноста, а обвиненијата би можеле да им донесат и до 20 години затвор. Друга снимка, направена во ноќта на трагедијата, прикажува келнерка со црна кацига на главата како, седејќи на рамената на едно момч, крева шише со прскалка кон таванот и така го предизвикува пожарот.
Никој од вработените не помогнал
Ниту на една од досега прегледаните снимки не се гледа дека некој од вработените во клубот интервенирал – го гаснел пожарот со вода, ги палел светлата, ја гаснел музиката или ги насочувал гостите кон излезите. Не ја ни отвориле задната врата за да ја олеснат евакуацијата. Поради настанатата паника, многу адолесценти починале или добиле тешки изгореници откако паднале и биле прегазени во стампедото, вдишувајќи притоа чад. Експертите со помош на снимките сега се обидуваат да утврдат колку животи можеле да бидат спасени доколку реакцијата на персоналот била навремена.
Поради непружање помош, под истрага се и редарите на клубот, а истражителите ги прегледуваат и снимките од другите ресторани во сопственост на семејството Морети: „Il Senso di Crans“ и „Le Vieux Chalet di Lens“.
Мистерија во истрагата
Мистерија во целата истрага е фактот дека телата на жртвите им се вратени на семејствата без извршена обдукција и без наведена причина за смртта во документите. Прашањето зошто обвинителството не наложило медицинско-правни вештачења ги мачи семејствата, вклучувајќи го и семејството на Емануеле Галепини, еден од шестмината италијански момчиња загинати во пожарот.
Адвокатот Себастијан Фанти, кој застапува едно од италијанските семејства, беше јасен:
– Нешто не функционираше во примената на процедурата. Не е можно телата да бидат вратени во татковината без потврда која ги наведува причините за смртта.
Барањата на адвокатот сега би можеле да доведат до отворање истрага во Рим и спроведување обдукции во Италија.
Семејството на Емануеле Галепини, кој е идентификуван преку ДНК анализа, не разбира зошто генетското тестирање воопшто било потребно. На неговото тело немало траги од изгореници, а во џебот имал мобилен телефон и документи во пластична футрола – сè недопрено. Нивното барање до швајцарските власти за обдукција останало без одговор. Порачале: „Телото нема да биде кремирано“.
Правна битка и дипломатски чекори
– Со оглед на бројот на италијански жртви, би било соодветно да се провери можноста за покренување кривична постапка и во Италија, како што тоа го стори Франција – истакнува адвокатот Фанти.
Меѓутоа, италијанското правосудство не може да покрене постапка за дела од небрежност сторени во странство, освен ако сторителите не се наоѓаат на италијанско тло или ако не интервенира Министерството за правда, што сè уште не се случило.
Во наредните денови, италијанскиот амбасадор во Швајцарија, Џан Лоренцо Корнадо, ќе се состане со властите на кантонот Вале во Сион за да добие повеќе информации за текот на истрагата.
– Ќе бидам во Сион за да се сретнам со сите локални власти, од владини до полициски и правосудни, со цел да приберам информации за истрагите – изјави амбасадорот.
Семејствата поднесоа кривични пријави
Семејствата на луѓето кои загинаа или беа повредени во пожарот што за време на новогодишната ноќ избувна во барот „Констелејшн“ во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана поднесоа кривична пријава до швајцарското обвинителство, изјави адвокатот што ја застапува групата жртви.
– Семејствата поднесоа барања и се приклучија на постапката како обвинители. Овие барања беа прифатени (од обвинителството) – потврди адвокатот Ромен Жордан, пренесоа британските медиуми.
Тој не прецизираше против кого е поднесена тужбата, наведувајќи само дека е насочена „против сите одговорни, без исклучок“.
Кривичната истрага за пожарот во Кран Монтана досега ги вклучува само сопствениците на барот, кои се осомничени за кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
Остануваат прашања во врска со причината за пожарот и користените безбедносни процедури.
Обвинителството на кантонот Вале не одговори на барањето за коментар.