📷 ПОПЛАВИ ВО БИТОЛСКО, ПОД ЗАКАНА И ЛОКАЛИТЕТОТ ХЕРАКЛЕА! Јавните претпријатија во ноќна битка со стихијата

Водостојот на Црна Река кај Новаци е 2,18 метри. Екипите на битолските јавни претпријатија интервенираа и кај археолошки локалитет Хераклеа, каде имаше проблем од надојдената вода – информира градоначалникот Коњановски.

1,064

Екипи на бтолските јавни претпријатија цела ноќ беа излезени на терен во обид да се справат со поплавите на повеќе места во Битола и битолско. Екипи на претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“ и на противпожарната единица на Битола расчистуваа неколку локации на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, кај поранешен „Прогес“, по што водите на овие локации се повлекоа, информира Општина Битола.

Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој синоќа исто така беше излезен на терен, информира дека надојдена вода има и во селото Кравари, каде на терен се излезени пет машини од јавните претпријатија кои работат на чистење на каналите.






Состојбата на реката Драгор засега е стабилна, до сливот на реката Црна. Поради обилните дождови, на мерната станица на Црна Река кај Новаци, водостојот е 2,18 метри. На мерната станица на „Стрежево“ измерени се врнежи од 40 литри на квадратен метар во изминатите 12 часа, што предизвика локални поплави.

Поплави има и патот за Новаци, кај селото Логоварди, како и во Долно Оризари, Карамани, по течението на реката „Драгор“. Се очекува денеска екипи на „Битолско поле“ со целата расположлива механизација, да продолжат со чистење на каналите.

– Битолска „Нискоградба“ интервенира во селото Канино, на улицата „Скоевска“, а ќе се интервенира во Кажани, како и на влезот на Битола кај Горно Оризари.

Претходно интервенираа и над локалитетот „Хераклеа“, каде имаше проблем од надојдената вода, потоа на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат и населбата „Стрчин“ – вели градоначалникот Коњановски.

Во селото Лера исто така дојде до поголеми поплави, каде заглавено дрво во малиот мост на реката го спречува истекување на водата. Од претпријатието информираат за многу надојдена вода во реката „Шемница“, а патот кој води за селото Доленци е привремено затворен за движење.

Поврзани содржини