48-ЧАСОВНА БЛОКАДА ВО ГРЦИЈА Еве кога ќе биде парализиран грчкиот патен сообраќај
Грчките земјоделци ќе спроведат 48-часовна блокада на главните и споредните патишта, како и на клучните гранични премини, барајќи исплата на заостанатите субвенции и протестирајќи против високите трошоци и ниските цени на производите.
Со 48-часовна блокада на целата национална патна мрежа, на споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и на граничните премини, најверојатно само за камиони, во четврток и петок грчките земјоделци продолжуваат со нивните активности по празниците, согласно одлуките донесени на повеќечасовниот состанок со учество на претставници на 62 блока од целата земја, јави дописничката на МИА од Атина.
На масовниот состанок одржан во Малгара, во близина на Солун, претставниците на земјоделците одлучија дополнително да ги интензивираат протестите веднаш по Водици, што во Грција се слави на 6 јануари. Целта е земјата да се подели на два дела и да се запре секаква активност на главните грчки автопатишта.
Во однос на граничните премини, најавите се дека во овие 48 часа ќе постои целосна блокада за камионите, додека пак автобусите и автомобилите ќе сообраќаат непречено.
Протестите на земјоделците траат повеќе од еден месец и започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, како и поради скандалот со европските земјоделски субвенции. Главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
Во периодот околу Божиќ, како и сега пред и по Нова година, земјоделците привремено ги тргнаа блокадите за да го олеснат патувањето на граѓаните за време на празниците.