ПОЧИНА ЛЕГЕНДАРНАТА БРИЖИТ БАРДО Беше пом за убавина, стил и емпатија кон животните

Брижит Бардо почина на 91 година во својот дом во Јужна Франција по боледување и операција за сериозна здравствена состојба, но официјално не е објавена конкретна причина за нејзината смрт.

1,112

Брижит Бардо, легендарната француска актерка и пејачка, која од светска филмска ѕвезда и секс-симбол се повлече од киното за да се посвети на борбата за правата на животните, почина на 91-годишна возраст. Нејзиниот пробив на меѓународната сцена дојде во 1956 година со филмот „И Бог ја создаде жената“, дело на нејзиниот тогашен сопруг Роже Вадим, по што во наредните дваесет години таа стана синоним за архетипот на заводливата и слободоумна жена.

Во почетокот на 1970-тите, Бардо целосно се повлече од актерството и сè поотворено влезе во политички и општествени дебати. Нејзината борба за заштита на животните со текот на времето беше придружена со контроверзни и провокативни изјави за етничките малцинства, како и со јасна поддршка за крајнодесничарскиот Национален фронт во Франција, поради што неколкупати беше осудувана за поттикнување расна омраза.






Родена во 1934 година во Париз, Брижит Бардо израснала во имотно и традиционално католичко семејство. Нејзиниот талент за танц ѝ овозможил да студира балет на Парискиот конзерваториум, додека паралелно започнала и кариера како модел. На само 15 години, во 1950 година, се појави на насловната страница на списанието „Ел“, што ѝ ги отвори вратите кон филмската индустрија. Токму на една аудиција го запознала Роже Вадим, со кого стапила во брак во 1952 година, веднаш по полнолетството.

По неколку помали улоги, улогата во „И Бог ја создаде жената“ се покажа како пресвртница – Бардо во филмот игра неконтролирана тинејџерка во Сен Тропе, а овој лик го зацврсти нејзиниот јавен имиџ и ја издигна до статус на глобална икона. Филмот доживеа огромен успех, и во Франција и надвор од неа, позиционирајќи ја Бардо меѓу најголемите филмски ѕвезди на своето време. Нејзиното влијание не се ограничуваше само на публиката – таа стана инспирација и за уметници и интелектуалци, меѓу кои и младите Џон Ленон и Пол Макартни.

Во текот на раните 1960-ти, Бардо настапи во низа значајни француски филмови, меѓу кои и „Вистината“ на Анри-Жорж Клузо, номиниран за Оскар, „Многу приватна афера“ на Луј Мал, каде играше со Марчело Мастројани, како и „Презир“ на Жан-Лик Годар. Во втората половина на деценијата, таа прифати и холивудски ангажмани, вклучувајќи ги „Вива Марија!“ со Жана Моро и вестернот „Шалако“ со Шон Конери.

Актерската кариера ја заврши во 1973 година, на 39 години, по снимањето на историската романса „Поучната и радосна приказна за рибата“. Оттогаш, нејзината енергија беше насочена кон заштита на животните – учествуваше во протестите против ловот на фоки во 1977 година и во 1986 ја основа Фондацијата „Брижит Бардо“. Во книгата „Крик во тишината“ од 2003 година, таа отворено промовира десничарски ставови и напаѓа различни општествени групи, што повторно резултираше со судска пресуда за говор на омраза.

Бардо со децении јавно го поддржуваше Националниот фронт, денес преименуван во Национален собир. Во интервју за „Гардијан“ изјави дека целосно се согласува со ставовите на Жан-Мари Ле Пен за имиграцијата, а во 2006 година, во писмо до тогашниот министер за внатрешни работи Никола Саркози, напиша дека муслиманската заедница во Франција „ја уништува земјата со наметнување на свои правила“.

Во приватниот живот, Брижит Бардо се мажеше четири пати: со Роже Вадим од 1952 до 1957 година, со актерот Жак Шарие од 1959 до 1962, со кого го доби синот Николас во 1960 година, потоа со Сакс (1966–1969) и, конечно, со Бернар д’Ормал, поранешен советник на Ле Пен, со кого стапи во брак во 1992 година. Освен браковите, таа имаше и бројни познати љубовни врски, меѓу кои со Жан-Луј Тринтињан и Серж Генсбур.

Брижит Бардо почина на 91 година во својот дом во Јужна Франција по боледување и операција за сериозна здравствена состојба, но официјално не е објавена конкретна причина за нејзината смрт. Во последните години од животот, таа живееше повлечено на својот имот во Сен Тропе, посветена на заштита на животните преку својата фондација и беше контроверзна фигура поради своите изјави за политички и општествени прашања. Бардо беше хоспитализирана неколку пати, вклучувајќи и операција во 2025 година, по што се вратилa дома за да се опоравува пред да почине.

Поврзани содржини