КУЛТУРНО БОГАТСТВО ВО БАГАЖНИК Полицијата на Табановце заплени 271 стара монета
При гранична контрола во возило со швајцарски таблички пронајдени монети од различни историски периоди.
На Граничниот премин Табановце синоќа е приведен 39-годишен маж од Куманово, откако при контрола на неговото возило биле пронајдени стотици стари монети.
Инцидентот се случил на 25 декември во 20:18 часот, при влез во државата. Полициските службеници при рутинска гранична проверка запреле автомобил „фиат“ со швајцарски регистарски таблички, кој го управувал Ф.С. од Куманово.
При детална контрола на возилото, полицијата пронашла и одзела вкупно 271 монета со различни големини и форми, кои, според првичните информации, потекнуваат од различни историски периоди.
Осомничениот бил лишен од слобода и задржан во полициска станица, а за случајот е известен и јавен обвинител. По целосно расчистување на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за внесување на противправно прибавени добра што претставуваат културно наследство.