ОПАСЕН ВОЗДУХ ВО ГЛАВНИОТ ГРАД Надминат прагот за алармирање, државата воведе итни ограничувања
Загадувањето со ПМ10 честички два дена по ред над дозволеното, највисоки концентрации измерени во Лисиче и Центар.
Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека во изминатите два дена, на мерните станици во Скопје – Центар, Гази Баба, Карпош, Лисиче и кај Ректоратот, се регистрирани концентрации на ПМ10 честички над дозволените 150 микрограми на кубен метар, што е законскиот праг за алармирање.
Според податоците, највисоки вредности се измерени во Лисиче, каде концентрациите достигнале дури 266 микрограми на кубен метар, додека во Центар, Карпош и Гази Баба вредностите континуирано се движеле далеку над дозволеното ниво.
Поради ваквата состојба, автоматски стапуваат на сила низа мерки за заштита на здравјето на граѓаните и намалување на загадувањето. Ќе се засилат вонредните инспекциски контроли кај индустриските капацитети со еколошки дозволи, како и контролите на терен кај помалите инсталации и градилиштата.
Дополнително, ќе се вршат интензивни контроли на возилата, со посебен фокус на дизел автомобилите и нерегистрираните возила, а строго е забрането и секое горење на отворено.
Министерството препорачува работодавците да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата над 60 години и граѓаните со хронични заболувања, како и да го прилагодат работното време за оние што работат на отворено – од 11 до 17 часот. Воедно, се апелира да не се организираат спортски и културни настани на отворено додека трае алармантната состојба со воздухот.
Властите апелираат граѓаните да го ограничат движењето на отворено, особено во утринските и вечерните часови, кога загадувањето е најизразено.