СДСМ ЈА ОСПОРИ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Ќе се бореле против мигранти, ќе барале помош и од граѓаните и од ЕУ

Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок, предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на слободата на изразување која е неприкосновена и тоа ја прави неуставна, ја образложи Тренчевска иницијативата на СДСМ пред Уставниот суд против Резолуцијата со која ВМРО-ДПМНЕ гарантира дека Владата не води политики за прифаќање мигранти.

540

ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ усвоија неуставна Резолуција со која директно се загрозуваат слободата на говорот и слободата на политичко дејствување на опозицијата, рече денеска потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, која ја оспори резолуцијата пред Уставниот суд.

– СДСМ нема да дозволи гушење на демократијата и слободата на говор. Заедно со граѓаните ќе ја одбраниме Македонија, ќе ја одбраниме демократијата – рече Тренчевска на прес-конференција пред Уставниот суд.






Таа рече дека целта на власта е да ја замолчи опозицијата и да се забрани каква било дебата за договорот мигранти за пари.

– Секој што ќе зборува јавно за мигранти, да се таргетира со закани за кривични пријави и затвор. Затоа и забрзано работат на воспоставување контрола врз судството и обвинителството. Кога се носат неуставни резолуции против опозицијата, тоа е автократија – вовед во диктатура, режим – рече Тренчевска.

Таа посочи дека СДСМ ова нема да го дозволи и силно ќе се спротивстави, а граѓаните ќе им се приклучеле.

– Ќе поднесеме претставка до Уставниот суд за уривање на уставниот поредок. Предавничката Резолуција е спротивна на Уставот во делот на основни човекови слободи и права на граѓанинот – слободата на изразување која е неприкосновена. И тоа ја прави неуставна. Ќе се обратиме до сите релевантни меѓународни институции, ќе побараме помош и од институциите на ЕУ, од сестринските партии во Европа. Со сите демократски алатки и механизми што ни стојат на располагање ќе се бориме за Македонија, за слободата и демократијата. Борбата продолжува – посочи Тренчевска.

Собранието вчера попладне со 65 гласа „за“ и 5 гласа „против“  ја донесе „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во образложението истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна, доследна и непроменлива политика против нелегалната миграција. Тој потенцираше дека Владата никогаш не побарала, не договорила и нема да дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти на територијата на општините во државата. Со оваа Резолуција, како што посочи, се става крај на сите шпекулации и намерно пласирани невистини.

Во врска со јавниот говор, во делот кој Тренчевска го толкува како забрана на слободата на изразување, во Резолуцијата се вели: Се повикуваат сите политички субјекти и јавни чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и
манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат
јавниот ред и мир.

Со Резолуцијата пратениците утврдија дека не бико побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на
сместување мигранти во Македонија и дека таквите активности не се и нема да бидат дел од владините политики.

 

СО 65 „ЗА“ ДОНЕСЕНА РЕЗОЛУЦИЈАТА ЗА ОСУДА НА МАНИПУЛАЦИИТЕ ЗА МИГРАНТСКИ КАМПОВИ Крај на шпекулациите на СДСМ, вели ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани содржини