ИНСТАЛАЦИИТЕ НА СДСМ ВО ПРАВОСУДСТВОТО ЦЕЛО ВРЕМЕ СЕ ОБИДУВААТ ДА ЈА МИНИРААТ ВЛАДАТА Последниот удар е врз пензионерите
Премиерот Мицкоски рече дека нема да коментира повеќе за поведувањето на постапката за преиспитување на уставноста на линеарното покачување на пензиите и остава на Уставниот суд да одлучи за да не биде сфатено дека тој прави притисок врз судиите и врз обвинителите.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека инсталациите на СДСМ во рамки на судовите се обидуваат цело време во рамки на правосудниот систем да ја минираат Владата, да задаваат удари и очекува дека тие ќе продолжат, нема да мируваат и оти последниот удар е врз пензионерите, односно линеарното покачување на пензиите.
– Овојпат тие удрија на пензионерите, па ги слушам сега како се препелкаат – тоа што си го земале пензионерите нема да го вратат, но, затоа ќе видиме како понатаму. Нели најпрвин немаше такво нешто. Кога го соопштив ова на пратенички прашања рекоа дека нема ништо такво. Потоа се препакуваа и рекоа добро ќе го разгледаме сето тоа за од 1 јануари. Линералното зголемување последно е предвидено за мартовската пензија. Како тоа ќе биде неуставно, а претходните шест илјади денари ќе бидат уставни? Еве нека ми кажат како ќе го спакуваат – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен темелник на градинка во Ѓорче Петров.
Според него, уставните судии имаат три опции – првата линеарните зголемувања да ги прогласат за неуставни што значи дека 75 отсто од пензионерите од 1 јануари ќе имаат за 3 до 4.000 денари пониски пензии.
– Втората опција е да најдат некоја, за мене бледа, неправна логика, следното зголемување да го прогласат за неуставно, а сѐ претходно да биде уставно, што за мене, еве јас не сум правник, но, консултирав правници, делува смешно. И третата опција е да ги прогласат за уставни – рече премиерот Мицкоски.
Тој додаде дека нема да коментира повеќе за ова и остава на Уставниот суд да одлучи за да не биде повторно сфатено дека тој прави притисок врз судиите и врз обвинителите.
Неодамна Мицкоски на седница за поставување пратенички прашања рече дека повеќе од 70 проценти од пензионерите од следниот месец ќе добиваат помали пензии поради иницијативата на уставната судијка, а за што одлуката, како што истакна, веќе била потпишана.
– Точно е тоа дека е покрената постапка пред Уставниот суд и точно е дека таа судијка за којашто сите зборуваме, којашто беше архитип на неправдата во судството, заедно со една друга обвинителка, којашто беше исто така вториот столб на тој архитип на судството едно време, и којшто соучествува во онаа чанта од брендот Луј Витон, се тие на коишто денес им пречи линеарното зголемување на пензиите на пензионерите – рече премиерот Мицкоски на седницата за пратенички прашања.
Тој истакна дека судијката на Уставниот суд, според последната информација, ја има потпишано одлуката за укинување на линеарното зголемување на пензиите на пензионерите.
Потоа Уставниот суд излезе со информација дека сè уште не е донесена конечна одлука за предметот кој се однесува на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, познат во јавноста како линеарно зголемување на пензиите.
Судот укажа дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изразил сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот.
– Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука. Јавноста ќе биде известена кога овој предмет ќе биде ставен на седница за гласање – посочија оттаму.