ПЕНЗИСКИОТ ФОНД НЕ Е АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО, ПА ДА СЕ ОЧЕКУВА ДИВИДЕНДА СПОРЕД УДЕЛОТ Мемов тврди дека покачувањето на пензиите не смее да се врзува со уплатениот придонес

Директорот на Фоднот на ПИОМ појасни дека социјално-солидарниот концепт значи дека со денот на донесување на решението ви се определува висината на пензијата. И тука завршуваат разликите во висината на пензиите согласно уплатените придонеси. Овие усогласувања, зголемувања што ги прави владата ги плаќаат сите осигуреници, односно сите  даночни обврзници во Македонија и се за ублажување на зголемените животни трошоци и растот на платите во Македонија.

92

Нема потреба од апокалиптични сценарија. Исплатата на пензиите не е загрозена и ќе продолжи секој први во месецот – потенцира директорот на Фоднот на ПИОМ, Никола Мемов.

– Буџетот на Фондот за следната 2026 година е проектиран на 151 милијарда денари. Од нив  117 милијарди денари  се предвидени за исплата на пензиите, вклучително здравствено осигурување на пензионерите и транзициските трошоци конпензиските друштва во вториот столб. Нема апсолутно никаква потреба од  било каква вознемиреност дека има недостаток на средства за исплата на пензиите – рече Мемов во „Тема на денот“ на „Телевизија Сител“.






Тој рече дека не може да ја разбере потребата од промоција на апокалиптични сценарија од страна нa СДСМ дека ќе се растури пензискиот систем или нема да  има пари за исплата на пензиите.

– Веројатно, во очајнички обид СДСМ бараат политички мотив за  враќање на политичката сцена и посегаат по вакви сензитивни теми каде што главен субјект се пензионерите, како една од најсензитивните категории на граѓани во државата.  И тука демантот стигна практично за еден ден. Едно е јасно, додека постои државата ќе постои и исплата на пензиите и тоа го  гарантира државата односно владата. Тоа е пропишано во членот 241 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 2005 година, во кој се вели: „Недостигот на средствата во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност, настанат поради воведувањето на задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, ќе се обезбеди од Буџетот на Република Македонија“ – рече Мемов.

Тој додаде дека е проектиран е тој недостиг, затоа што една третина од средствата  од придонеси се уплаќаат во вториот столб.

– Тоа е инвестиција што ја прави владата во овие изминати 20 години. Да потсетиме  дека над 650.000 осигуреници во земјата имаат на своите лични сметки  во трите пензиски друштва повеќе од три милијарди евра кои се  оплодуваат секојдневно. Тоа оплодување, инвестирање го контролира владата преку агенцијата МАПАС – рече тој.

Според Мемов зголемувањето на пензиите и пензискиот систем е врвен приоритет на владата, што се гледа преку  буџетот.

– Повеќе од половината од приходите во  буџетот се предвидени за Фондот, 151 милијарда денари. Издвојувањета во висина од 62 милијарди денари, како трнасфери кон ПИОМ, за исплата на пензиите, за исплата на здравственото осигурување и транзициските трошоци кон пензиските друштва во вториот столб практично го обезбедува функционирањето на пензискиот систем. Зголемувањето на пензиите за овие 14 месеци, од септември 2024 до ноември 2025 година, номиналното зголемување од 6.000 денари значи зголемување од 29,6%. Досега, во изминатите дваесет и повеќе години немаме такво зголемување на пензиите за ваков краток период – рече Мемов.

Во врска со двете иницијативи за пред Уставниот суд за укинување на линеарното зголемување и за укинување на одредбата ова зголемување и усогласување на пензиите да не важи за корисниците кои својата пензија ја добиваат во странски банки, Мемов  рече дека дал аргументи за и против на неформален брифинг со претседателот на Уставниот суд пред некое време.

– Сметам дека линеарното покачување е правилно и праведно. Од кои причини? Сите дилеми и сите  разлики од тоа кој колку уплаќал придонеси во Фондот за пензиско завршуваат во моментот со денот  на издавањето на решението за пензија. Ако вие сте плаќале повеќе придонеси имате повисока пензија, јас сум плаќал помалку придонеси имам помала пензија. Во јавноста, исто така,  некои политичари го третираат  Фондот како акционерско друштво. Апсолутно не е така.  Пензискиот систем во Македонија е социјално-солидарен.  И не може да се очекува дека било кој од нас има некакви акции во Фондот согласно придонесите што ги уплаќал во текот на работниот стаж и дека после некое време, кога ќе дојде време за усогласување или зголемување на пензиите, да му следува процентуално дивиденда или профит од тие негови  уплати. Не, социјално-солидарниот  концепт значи дека со денот на донесување на решението ви се определува висината на пензијата. И тука завршуваат разликите во висината на пензиите согласно уплатените придонеси. Овие усогласувања, зголемувања што ги прави владата ги плаќаат сите осигуреници, односно сите  даночни обврзници во Македонија и се за ублажување на зголемените животни трошоци и растот на платите во Македонија – рече Мемов.

Според него, одржливоста на пензискиот систем не може  да се гледа  како изолиран систем.

-Државата почива на пет основни столбови. Тоа е политички систем, економски систем, безбедносен систем, здравствен систем и пензиски систем. Здравствениот систем ги опфаќа сите граѓани во државата, а пензискиот систем опфаќа две третини од граѓаните во државата и  половина од буџетот што се троши во државата. Не може да имате стабилизација на еден од овие столбови без реперкусија на некој од претходните. Како илустрација, не можете да ја зголемите стапката за придонес за пензиско и инвалидско осигурување без консултација и координација со  економскиот систем, т.е. реалниот бизнис сектор и стопанските комори рече тој.

Мемов  е дециден дека нема да има подигање на старосната граница за одење во пензија.

-Јас многу пати сум го кажал тоа, меѓутоа тоа е став и на владата. Просечното користење на пензиите во Република Македонија е 11 години. Некаде до 75  години на старост е просекот на користењето на пензиите. Ако се  качи тој просек на 67 години, користењето на пензијата ќе дојде помеѓу пет и седум години и се  јавува апсурдноста на постоењето на пензискиот систем. Затоа и ставот на владата беше дека овој предлог што континуирано доаѓа од Светска банка, од ММФ  за зголемување на старосната граница, за зголемување на стапката на придонес да не се пифатат од владата и тие не се дел од Фискалната стратегија за 2025-2029 година – рече Мемов.

Во однос на тоа дали има злоупотреба на пензии за починати лица и разни други малверзации, Мемов рече дека се води постапка од страна на финансиската полиција.

-Очекувам во следниот период органите на прогонот да си ја завршат својата работа и да излезат со детали  во јавноста. А ако ме прашувате во делот на  злоупотреби кај инвалидските пензии, тука од септември месец минатата година ги зајакнавме капацитетите на комисиите, ангажиравме дополнителни пет доктори специјалисти и сега се решаваат предметите тековно и нема чекање со месеци  и можноста за корупција е апсолутно исклучена. Докторите си ја работат својата работа. Тука злоупотребите во минатото беа од докторите специјалисти од клинички центар и другите приватни болници кои ја обезбедуваа потребната документација – рече Мемов.

Поврзани содржини