Aко не сакаш да станеш милионер, не го прави ова

Ако не сакате да станете милионери, не ризикувајте, не се обидувајте доволно долго, не се кревајте после падовите. Но ако чувствувате дека баш тоа го сакате - тогаш веќе сте на правиот пат. Не затоа што веќе сте успеале, туку затоа што сте подготвени да продолжите и кога сите други би застанале.

0

Мината недела ги гледав 53-те средношколски тимови како ја чекаат одлуката кои од нив ќе влезат во ТОП 20 во натпреварот „Средношколец милионер“, а кои ќе застанат тука, барем формално. Во нивните очи го гледав истото прашање што јас го имав кога бев на нивни години: што точно треба да направам за да успеам? И секогаш кога ќе ме прашаат како да се стигне до милион, сакам да им одговорам искрено и брутално: ако не сакаш да станеш милионер – играј на сигурно, не ризикувај, не се изложувај, не губи. Тоа е сигурен рецепт за мирен, предвидлив живот. Само немој да очекуваш голем успех.

Мојот прв „бизнис“






Мојата приказна не почна со „вол-стрит“ инвеститори, со договори со многу нули и со скапи канцеларии. Почна во средно училиште, со најобични карти за концерти и со многу интуиција. Купував карти за настани за кои верував дека ќе се распродадат брзо, како Таксират на пример, по најниската цена, долго пред да дојде денот на настанот. Вечерта на самиот концерт стоев пред Саем (за помладите „кај Ист Гејт“) и ги продавав по цената што важеше на самиот ден, што често беше двојно повисока од набавната. Неколку години по ред го правев тоа, знаев да заработам по 300–400 евра месечно.

Ниту беше тоа некој спектакуларен бизнис, ниту изгледаше дека има потенцијал да ме донесе на Форбс листата, но за мене тогаш таа заработка значеше слобода. Можност сам да си ги плаќам трошоците, да живеам солидно и, после неколку години, да си остварам еден „детски сон“: да си купам мотор од парите што самиот сум ги заработил. Тоа беше мојата прва лекција дека шансите постојат насекаде, но само за оние што се подготвени дури и да застанат пред Саем пред некој концерт, да нудат и да преговараат, да ги слушнат и критиките и потсмевот, и да продолжат напред каде што тргнале.

Кога првиот план ќе ти пропадне, вториот може да ти го смени животот

Летото пред да се запишам на факултет, одлучив да одам чекор понатаму. Со една пријателка почнавме бизнис со накит. Го продадов моторот за да купиме материјали и тргнавме за Црна Гора, убедени дека ќе имаме добра сезона. По неколку недели, наместо планираната заработувачка, добивме закана дека ќе ни ги одземат сите монистри затоа што немаме дозвола за работа – и всушност, не успеавме да продаваме ниту еден ден. За нас немаше место на црногорската ривиера. За многумина тоа би било јасен сигнал да се вратиш дома, да кажеш „не беше судено“ и да ја баталиш идејата. Ама ние направивме нешто сосема друго. Наместо да се вратиме во Скопје, отидовме директно од неуспешната Црна Гора на малку попознат терен – во Охрид. Во стариот дел на преубавиот град, на едно ќоше, започнавме да им продаваме накит на туристите и на локалците.

Тогаш дојде денот што засекогаш ќе го паметам – 3 август 2008 година, кога Охрид беше домаќин на Лени Кравиц. Авалонци го донесоа, добро паметам. Градот беше преполн, улиците станаа реки, а нашето мало ќоше стана мини-фабрика за уличен накит. Тој ден направивме околу 1.500 евра, можеби и повеќе, а вообичаено низ летото правевме по 500 евра дневно. На крајот на сезоната, кога ги собравме бројките, сфативме дека имаме околу 30.000 евра приход. Поделивме по 15.000 евра. Јас… Јас си купив поубав мотор од оној кој го продадов за да го почнам овој бизнис, но поважно од моторот беше тоа што разбрав дека кога ќе инсистираш да продолжиш и кога првиот план ќе ти пропадне, вториот план може да ти го смени животот.

Успехот никогаш не е права линија

Многумина денес ги гледаат успехот и растот на Бреинстер и мислат дека сè одело мазно и само по нагорна линија. Вистината е поинаква. Во 2014 година учествувавме на Startup Weekend – натпревар за бизнис-идеи. Таму не бевме „иднината на образованието“ за која денес зборуваат медиумите. Таму бевме едноставно – последни. Десето место од десет натпреварувачи со бизнис идеи. И тоа болеше. Но истовремено, таа фрустрација ми стана најсилното гориво. Токму тогаш донесов одлука да го напуштам работното место и целосно да се посветам на Бреинстер, не за да им докажам само на судиите на тој натпревар, туку и на себе дека мојата визија вреди. Една година подоцна, во 2015, група бизнис ангели инвестираа 1 милион денари во Бреинстер. Денес, таа прва инвестиција резултираше со три успешни бизниси што генерираат милиони евра годишно.

Но, патот помеѓу 2020 и 2023 година ме потсети уште еднаш дека успехот никогаш не е права линија. Во тој период почнав уште два бизниса, кои не успеаја. Во исто време, го основавме Бреинстер Некст факултетот, со една јасна цел: да им помогнеме на младите во Македонија да стекнат релевантни вештини и да обезбедиме 100% вработување преку работа на реални проекти. Уште во првата година имавме илјадници апликации, а бројот на активни студенти расте двојно секоја година. Во меѓувреме се родија НУ академиите за талентирани средношколци, затоа што веруваме дека кариерите не треба да почнуваат по факултет, туку многу порано. Потоа дојде и AIatWork.ai, нов чекор во АИ екосистемот.

Ако ги погледнеш само резултатите однадвор, ќе видиш пропаднати идеи и успешни проекти. Однатре, тоа изгледа како непрекинат процес на обиди, успеси, грешки, подеми, падови, учење и – нови обиди.

Доволно е еднаш да успееш…

Ако треба да ја сведам целата приказна на една реченица, би звучела вака: не е важно колку бизниси ќе пропаднат, доволно е еднаш да успееш. Буквално еднаш. За да станеш милионер, во пари, влијание или импакт, не треба секоја идеја да ти биде добитна. Треба само една да експлодира, еднаш да издржиш до крај и еднаш да одбиеш да се откажеш кога сите бројки ти велат дека нема логика да продолжиш. Тоа „еднаш“ не доаѓа случајно. Доаѓа кај оние што се обидуваат доволно долго, што стануваат побрзо отколку што паѓаат и што не дозволуваат срамот, стравот или туѓото мислење да ги заглават на едно место.

И затоа, кога им се обраќав на средношколците од „Средношколец милионер“, намерно не зборував само за тие што влегоа во ТОП 20. Овој натпревар е создаден и за оние кои не продолжија понатаму во полуфиналната фаза. Тие денес можеби мислат дека изгубиле шанса. Јас пред не толку многу години бев на нивното место: последен на натпревар, потценет, отфрлен. Токму таа фрустрација, тоа чувство дека некој не те проценил како што треба, беше причината да си кажам: „Е сега ќе ви покажам колку згрешивте.“

Ако денес не сте во следната фаза на натпреварот за милион денари, немојте да го доживувате тоа како крај на вашата претприемничка приказна. Можеби ние згрешивме. Можеби публиката не проценила како што треба. Мене искрено би ми било драго, за десетина години од сега, некој од вас да ме сретне и да ми каже: „Петар, згреши што мене не ми го даде милионот“. На првиот што ќе го каже тоа, јавно ќе му се извинам и уште погласно ќе му честитам и ќе го поддржувам.

А до тогаш, размислете што ќе направите со фрустрацијата, со амбицијата и со идејата што ја имате денес. Може да ги свиткате и да ги ставите во фиока, да се вклопите во безбедната зона и да прифатите дека „не било за вас“ да градите успешна кариера како млади претприемачи и да правите милиони. Или може сите тие емоции да ги претворите во гориво. Ако не сакате да станете милионери, не ризикувајте, не се обидувајте доволно долго, не се кревајте после падовите. Но ако, после сè што прочитавте, меѓу редови чувствувате дека баш тоа го сакате – тогаш веќе сте на правиот пат. Не затоа што веќе сте успеале, туку затоа што сте подготвени да продолжите и кога сите други би застанале.

(Авторот е основач и ЦЕО на Brainster)

Поврзани содржини