Чекајќи ја дијаспората

Критичарите укажуваат дека на ЕУ ѝ недостасува политика чија цел ќе биде да им се овозможи на луѓето да останат да живеат во своите земји, без да чувствуваат егзистенцијална принуда да се иселуваат.

86

Чекањето трае додека не се дочека, а можеби и потоа. Во „Чекајќи го Годо“ едно од суштинските прашања е дали ликовите воопшто би биле свесни дека го дочекале тоа што го чекале. Бидејќи, освен препирката на главните ликови кои стојат покрај патот и чекаат, ништо посебно не се случува во оваа прочуена драма.

Македонските политички партии со децении се расправаат кој што направил, или, пак, ќе направи повеќе и подобро, додека го чекаат враќањето на дијаспората. Чекањето, се разбира, не може да помине без постојани ветувања за подобрување на образовниот систем, здравството, јакнење на правната држава, борбата против корупцијата, повисоки плати и вработувања според квалификациите, а не според партиската книшка. И додека се чека тие промени да станат видливи и опипливи, ништо од повратниот билет на дијаспората.






Пратеници од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ деновиве истапуваат со тврдења дека буџетот е уште еден доказ за посветеноста на Владата кон младите, со реализација на клучни проекти, реконструкција на студентски домови и мерки за самовработување наменети за сите млади. Во овој буџет, како што велат, има и една новина а тоа е новата ставка за демографија и миграција во која се обезбедени 71 милион денари за кампањи за враќање во Македонија, пред сѐ млади лица, успешни примери од странство.

Колку ваквите и слични заложби се базираат врз силно изразена посветеност на создавање реални претпоставки за запирање на масовното иселување, а не врз заговарање нереални очекувања и списоци на желби во популистичката меѓупартиска „препирка“? Вака поставеното прашање, се чини, ја наоѓа својата смисла токму во долгото чекање да се случи некаков позитивен исчекор, нешто повеќе од лесно искажани ветувања кои најчесто паѓаат во заборав веќе наредниот ден. Ангажманот околу мигрантските заминувања и враќања бара мошне посериозен и потемелен пристап.

Мигрантските движења се едно од најдоминантните прашања на агендата на ЕУ. Во рамките на ЕУ во изминатите години се дискутирани можностите за проширена соработка во областа на миграцијата помеѓу одделни ЕУ-членки и помалку развиените земји надвор од Унијата. Циркуларната миграција се смета за централен концепт за идната миграциска политика на ЕУ, што значи дека мигрантите треба да се охрабруваат да се движат неколку пати помеѓу земјите на емиграција и земјите на имиграција.

Основната цел е меѓународната мобилност на работната сила да ги направи поефикасни економиите и на земјите на потекло и на земјите приматели на мигрантска работна сила. Потребата за работна сила во побогатите земји приматели треба да се задоволи истовремено со зголемувањето на приходите на мигрантите и членовите на нивните семејства дома и одржувањето на економските контакти со земјата на потекло.

Во голема мера, таквите дискусии се однесуваат на емиграцијата на високообразован персонал, со цел да се избегнат ризиците земјите во развој да изгубат високообразовани кадри. Затоа, емиграцијата од земјата на потекло не треба да доведе до таканаречен „одлив на мозоци (brain drain)“, туку до „приход на мозоци (brain gain)“. На таков начин миграциската политика може да се смета и за политика за економски развој.

Во земјите на потекло, миграцијата може да придонесе за развој, не само преку парите што мигрантите ги испраќаат дома (дознаки), туку и преку новите искуства и знаења што ги споделуваат со роднините и пријателите во нивната матична земја.

Еден заклучок од дискусиите на ниво на ЕУ е дека матичните „иселенички“ земји не треба нужно да се фокусираат на враќање на своите високообразовани емигранти кога кај нив треба да се зголеми понудата на работна сила. Наместо тоа, компаниите во одделна земја од која емигрирале високообразовани луѓе и кои на краток рок треба да го зголемат бројот на високообразован кадар, треба да регрутираат персонал на меѓународниот пазар на трудот, а не нужно да се обидуваат да ги убедат емигрантите од сопствената земја да се вратат.

Сепак, проблем за голем број посиромашни земји е тоа што им недостасуваат институции за поефикасен прием и интегрирање на работна сила од други земји. А за да се постигне такво нешто потребно е долгорочно политичко планирање.

Проширувањето на ЕУ во изминатите децении придонесе и за драматичното намалување на населението во Источна и во Централна Европа. Познат е примерот со Бугарија, најсиромашна ЕУ-членка, која од крајот на комунистичкото владеење загуби над една четвртина од своето население и бројот на жители од речиси 9 милиони се намали на нешто помалку од 7 милиони. ОН прогнозираат дека до 2050 година овој број ќе се намали на околу 5,2 милиони – дури побрзо и повеќе од каде било на друго место во светот.

Во новите ЕУ-членки растат стотици илјади деца со своите баби и дедовци, додека родителите заминале во западните земји за да можат да ги издржуваат своите семејства. Во поголем број од овие земји јавно се води националистичка политика на нетолеранција и нетрпеливост кон странци и мигранти, а напоредно на тоа се присутни кампањи за зголемување на наталитетот.

Но тоа сепак не е доволно за да се реши проблемот. Сè додека платите се ниски и работните места несигурни, многумина се двоумат да раѓаат деца. Разни испитувања покажуваат дека голем дел од младата популација во повеќе европски земји размислува да емигрира. Пандемијата само делумно предизвика привремена пауза во масовните емигрантски движења кон Запад.

Критичарите укажуваат дека на ЕУ ѝ недостасува политика чија цел ќе биде да им се овозможи на луѓето да останат да живеат во своите земји, без да чувствуваат егзистенцијална принуда да се иселуваат. ЕУ всушност има значајна моќ и влијание врз економската политика на земјите членки, но таа политика е слепа за социјалните последици што се создаваат врз база на нерамномерниот регионален развој.

Малку нешта укажуваат дека селењето на работна сила во и кон ЕУ ќе се намалува во догледна иднина. Гледано низ подолгорочна перспектива, таквиот развој не е одржлив. Факт е дека повеќе источноевропски земји со драстично намалено население се соочуваат со недостиг од образована работна сила во продуктивна возраст.

Недостиг од квалификувана работна сила сè поизразено се чувствува и во Македонија. Но да се сврти развојот во поинаква насока е мошне тешко и комплексно прашање, кое преку давањето нереални ветувања мошне често се сведува главно на обиди за собирање евтини политички поени.

Евроинтеграциите, се разбира, за Македонија се најдобра алтернатива. Доколку навистина се тргне во насока на позитивни реформски промени. И доколку воедно, се престане со чекањето на Годо.

Поврзани содржини