ДОНЕСИ ШТО НЕ ТИ ТРЕБА, ЗЕМИ ШТО ТИ СЕ БЕНДИСУВА Прва еко-трампа „На ти го, дај ми го“ во Македонија

Настанот е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат. Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди - функционални.

78

Првата Еко-трампа „На ти го, дај ми го“, посветена на одржливост, заедништво и креативна размена ќе се одржи на 22 ноември во Собрание Бистро, на улицата Даме Груев, позади Собранието, со почеток од 12 часот.

Настанот е отворен за сите кои сакаат да им дадат нов живот на старите предмети што веќе не ги користат, а го организира здружението Еко-свест.






Концептот е едноставен – секој учесник може да донесе до пет предмети (облека, книги, модни додатоци, ситни апарати или други употребливи предмети) и за секој донесен предмет ќе добие купон за размена. Со тој купон може да избере нешто што друг учесник го донел.

Сите предмети треба да бидат чисти, зачувани, а доколку станува збор за електронски уреди – функционални. Како мал знак на благодарност за учеството, секоj учесник ќе добие бесплатно кафе – затоа што секоја добра размена започнува со пријатен разговор и топол пијалок, велат организаторите.

Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа позитивна навика и во македонското секојдневие.

– Често ми се случувало да видам уникатно парче облека и да дознаам дека е рачна изработка или стар модел од некоја претходна сезона. Денешната глобализирана мода нè тера сите да изгледаме слично, но токму користените парчиња облека и размената носат посебен шарм и автентичност. Со овој настан сакаме да потсетиме дека убавината не мора секогаш да биде нова – таа може да биде обновена, прераскажана и споделена – вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Еко-свест.

Поврзани содржини