СУРОГАТ МАЈКА ОДБИЛА АБОРТУС, СЕГА СЕ БОРИ ЗА БЕБЕТО Родила дете со тешка срцева мана, па побарала право да одлучува за него

Мекена Вест ја одбила желбата на парот кој ја ангажирал како сурогат-мајка да ја прекине бременоста по дијагнозата на тешка срцева мана, заминала во Тексас и го родила момчето, но судовите ги признале Наусин Гилкар и Омар Ахмед за негови родители

0

Mекена Вест, медицинска сестра од Алјаска која била сурогат-мајка, побара од американскиот Врховен суд да ѝ дозволи повторно да има улога во одлуките за бебето што го роди, но судот го одбил нејзиното барање. Одлуката на судијката Елена Каган не содржи образложение, што е вообичаено кај ваквите итни барања.

Случајот започнал уште за време на бременоста. Вест во декември останала бремена со момчето, а на 20-неделниот ултразвучен преглед во април лекарите откриле дека фетусот има хипопластичен синдром на левата страна на срцето (HLHS) – тешка вродена срцева мана кај која левата страна на срцето е недоволно развиена и крвта не може нормално да циркулира.






Според судските документи, Вест и парот од Калифорнија, Наусин Гилкар и Омар Ахмед, претходната година потпишале договор за сурогатство во кој постоела одредба за прекин на бременоста во случај на „фетална абнормалност“. Откако била откриена срцевата мана, Гилкар и Ахмед побарале од Вест да ја прекине бременоста. Таа одбила. Според нејзиното сведочење, дури закажала најмалку два термини за абортус, но на крајот не можела да го направи тоа.

Вест потоа ја напуштила Алјаска и заминала во Тексас, каде што абортусот е забранет по околу шестата недела од бременоста. На 12 август таму го родила момчето. Таа го нарекува Габриел, додека Гилкар и Ахмед му го дале името Руми.

Меѓутоа, родителите уште пред раѓањето побарале судот во Калифорнија да го потврди нивното родителско право. Судот го направил тоа, признавајќи ги Гилкар и Ахмед како законски родители на детето. Вест тврдела дека случајот треба да се води во Алјаска и дека никогаш не дала согласност Калифорнија да одлучува за нејзините права.

По раѓањето, состојбата на бебето станала уште посериозна. Момчето има животозагрозувачка срцева мана и веднаш му била потребна операција. Во Тексас била извршена Норвуд-процедурата, која вообичаено е првата од серијата операции што им се потребни на децата со оваа дијагноза во текот на првите години од животот. Без лекување, состојбата може да биде фатална.

Во еден момент во случајот се вмешал и државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, кој побарал да се обезбеди медицинска грижа за новороденчето. Бебето подоцна било во можност да ја продолжи борбата за живот во болница во Тексас, додека траела правната битка околу тоа кој има право да одлучува за неговото лекување.

Вест, сепак, не се откажала. Таа тврдела дека родителите, бидејќи претходно побарале прекин на бременоста, можеби нема да сакаат да продолжат со сите неопходни медицински интервенции за детето. Нејзините адвокати дури предупредиле дека без судска интервенција таа ќе остане целосно исклучена од животот на бебето што го носела 37 недели и од можноста да влијае врз важните медицински одлуки.

Но, адвокатите на Гилкар и Ахмед ги отфрлаат тие тврдења. Тие пред Врховниот суд навеле дека родителите се постојано со својот син во одделението за интензивна нега и дека токму тие се тие што ја обезбедуваат неговата медицинска грижа. Според нив, нема никаква вистина во тврдењето дека сакаат да му го прекинат лекувањето.

И самата Гилкар во август, на судско рочиште во Далас, зборувала за својата приврзаност кон бебето. Таа рекла дека Руми е љубовта на нивниот живот и дека многу страда. Од другата страна, Вест инсистира дека токму нејзината одлука да ја продолжи бременоста му го спасила животот.

Правната битка доби нов пресврт минатата недела, кога Врховниот суд на Тексас дозволи бебето да биде префрлено во Лос Анџелес за специјализирано лекување. Судот наведе дека најважна е можноста медицински кревкото дете да го продолжи лекувањето и дека постои ограничен временски прозорец за безбедно префрлање од една единица за интензивна нега во друга.

Само неколку дена подоцна, Врховниот суд на САД го одбил барањето на Вест. Со тоа не е донесена одлука за сите прашања околу сурогатството, абортусот или родителството, туку судот едноставно одби итно да се вмеша во конкретниот спор и да ја суспендира одлуката со која Гилкар и Ахмед се признаени како законски родители.

Случајот во САД предизвика широка дебата за тоа што се случува кога договорот за сурогатство ќе се судри со личната одлука на жената која ја носи бременоста, но и за тоа кој има право да носи медицински одлуки за дете кое е родено со тешка здравствена состојба. Во случајот дополнително се отвора и прашањето дали договорите за сурогатство можат однапред да определат што мора да направи жената доколку се открие сериозна фетална аномалија.

Поврзани содржини