РЕКОРДНИ 12,5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАУКАТА ВО 2026 ГОДИНА Ќе се трошат за научни проекти, конференции, стипендии, објавување трудови…

Науката е столб на општествениот развој и затоа во 2026 година буџетот за наука ќе изнесува 773 милиони денари (12,5 милиони евра) со кои продолжува финансирањето на научно-истражувачки проекти. Секој влог во науката се исплати и не треба да се штеди на пари и труд во овој сегмент, соопшти МОН.

664

Министерството за образование и наука го честита Светскиот ден на науката за мир и развој и соопшти дека за следната 2026 година е предвидено рекордно зголемување на буџетот за научно-истражувачка дејност, кој изнесува 12,5 милони евра.

„Науката во Македонија се актуелизира не само како тема за дискусија, туку и како поле на делување. Ова го потврдува и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во областа на науката, а претставува резултат на ефективни национални политики и на значително зголемениот буџет за поддршка на научно-истражувачката дејност. Од 380 милиони денари (6 милиони евра) во 2024 година, на 680 милиони денари (11 милиони ева) во 2025 година, а за следната 2026 предвиден е рекорден буџет од 773 милиони денари за наука (12,5 милиони евра)“, соопшти МОН.






Министерството, се додава во соопштението, оваа календарска година преку 3 повици за распределба на средства ја стимулираше реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните универзитети, факултетите и научните установи, на МАНУ и на бизнис-заедницата, кои се во корелација со целите од Стратегијата за паметна специјализација на Македонија. Проектите успешно се реализираат.

„Науката е столб на општествениот развој и затоа во 2026 година буџетот за наука ќе изнесува 773 милиони денари со кои продолжува финансирањето на научно-истражувачки проекти, за развој на лабораториските ресурси, за учество на меѓународни научни конференции и за организирање на домашни, објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор, доделување стипендии за млади научници, стипендии за втор и трет циклус на студии во државата, како и за организирање на научни и студиски престои во странство“, соопшти Министерството за образование.

Посебно радува зголемениот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации, се додава, што се огледува преку искористување на мерките кои МОН ги става на располагање.

„Заедно со другите надлежни владини институции продолжуваме да ги поддржуваме младите во реализација на личните амбиции. Развојните политики добиваат континуитет, затоа што секој влог во науката се исплати и не треба да се штеди на пари и труд во овој сегмент. Честит 10 Ноември, Светски ден на науката“, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

Поврзани содржини