ЈА ЗАМЕНИЛ УРИНАТА ЗА ДА СПАСИ СИН НА КОЛЕГА, УАПСЕН ЗА ДРОГА Техничар во МВР сакал да „учини“, па доби кривична пријава
Во филмскиот заплет таткото дал урина наместо синот, за да го извади од непријатната ситуација, откако бил фатен со дрога.
Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против Ф.Н., вработен во криминалистичката полиција во СВР Тетово, под сомнение за „попречување на правдата“. Случајот е доставен до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Според истрагата, на 4 октомври годинава, за време на полициска акција во која биле уапсени две лица осомничени за производство и трговија со дрога, пријавениот техничар — тогаш дежурен во крим-техника — му овозможил на свој колега, О.С., кој тој ден не бил на работа, но бил татко на еден од уапсените, да пристапи до службената документација и доказите.
Не само што му дозволил да разгледува и преместува службени материјали, туку и да присуствува при собирањето биолошки траги од приведените. Според наодите, токму тогаш билe заменети примероците на урина — оној што требало да го даде синот, всушност го дал таткото. Вештачењето подоцна ја потврдило замената.
Со овие постапки, пријавениот Ф.Н. се обидел да го прикрие вистинскиот доказ и да го отежне докажувањето на случајот. Министерството најави дека против него ќе биде поведена дисциплинска постапка и ќе биде отстранет од работа до нејзино завршување.