ГРАЃАНИТЕ САКААТ НОВ КОНЦЕПТ ВО КАРПОШ, ЈАКИМОВСКИ Е НА ЦРНАТА ЛИСТА И Е ОСУДЕН ЗА КРИМИНАЛ Лукровски повика со масовно гласање да се донесе промената
Уште во првата година мостот што ќе ги поврзува Скупи и Љубљанска во Карпош 4 ќе биде во функција, како и клучката кај Момин Поток и ова ќе значи големо олеснување за сообраќајот во Карпош, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски.
Во вториот круг од изборите граѓаните треба да одлучат дали ќе застанат зад човек кој носи визија за општина Карпош и промени или зад профил на личност како актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски кој е на црната листа на САД и зад кој стојат бројни неуспеси и криминали, вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски.
– Ако пробам да се сетам господинот Јакимовски во која сè партија бил и од кого сè бил низ годините поддржан, иницијативи, итн, јас ова не го гледам како судир на опозицијата и власта во Карпош, јас пред сè би рекол дека во Карпош се работи за едно референдумско гласање каде што граѓаните треба да се решат помеѓу два фронта, оние кои се обединуваат околу мене, значи луѓе кои носат нова визија, носат нов концепт, нешто ново, 65% од граѓаните во Карпош сметаат дека е време за промени, и од друга страна не опозициски, туку имаме еден блок кој треба да застане зади човек кој, пред сè, е на црната листа на САД и е со првостепена пресуда за криминал – вели Лукровски во гостување на Сител.
Лукровски во емисијата посочи дека Јакимовски во текот на својот мандат стекнувал имот во општината и влијаел врз урбанистичките решенија за лична корист.
Додаде дека со резултатите од првиот круг, жителите на општина Карпош веќе испратиле јасна порака за промени и нов концепт.
– Луѓето треба да проценат дали ќе застанат зад старите практики на распродавање на нашата општина за лични интереси. Деновиве излегоа неколку информации како досегашниот градоначалник Стевчо Јакимовски се стекнувал со имот низ нашата општина, некому бришел маркици, за да си ги додели себе, и на семејството и сметам дека воопшто не се работи за борба меѓу власта и опозицијата туку за борба меѓу црното и белото, за доброто и лошото, за нешто што треба да е мината практика. Тоа и го порачаа граѓаните во првиот круг, заеден нов концепт и една нова визија за подобар Карпош – рече Лукровски.
Тој ги повика граѓаните во недела да излезат масовно на гласање и да потврдат дека сакаат промени во Карпош.
Лукровски ја побара довербата и на младите и на повозрасните карпошани, потенцирајќи дека во програмата предвидени се проекти за сите генерации.
– Кога се работи за луѓето од третото доба или за пензионерите, нудиме една програма на активно стареење, да ги инволвираме, да направиме една инклузивност во општината, да ги внесеме да бидат општествено одговорни, да бидат редари во раните утрински часови, да се вклучат во наводнувањето на парковите итн, и за тоа се надевам дека ќе успееме да обезбедиме и една материјална поддршка. Ветив и до 12.000 денари по основ и на договори за пензионерите со кој ќе можат да го подобрат своето живеење. Исто така, медицински екипи со санитетски возила, кои пензионерите ќе ги земаат од дома, ќе ги однесат до одредени прегледи и снимања и ќе ги вратат назад – рече Лукровски.
Додаде дека планира Карпош хумано да се развива и за таа цел, предвидено е да се направи јавно претпријатие „Карпош план“, кое ќе се занимава со урбанизацијата во општината.
Запрашан дали мостот на реката Вардар кој треба да ги поврзе улицата Љубљанска со Скупи, ќе стане употреблив во скоро време, Лукровски истакна дека со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски се обврзаа уште во првата година овој мост да се стави во функција.
– Уште во првата година мостот ќе биде во функција. Ќе се завршат сите технички работи кои треба да се завршат и конечно, мостот ќе ги поврзува Скупи и Љубљанска во Карпош 4 и ќе го олесни цел проток на возила што ќе биде заедно со клучката кај Момин Поток, која исто така ветивме дека ќе биде готова во првата година. И сето ова ќе значи големо олеснување за движењето на возилата и сообраќајот во Карпош – рече Лукровски.