МАШКИОТ СВЕТ ВЕЌЕ НЕ Е МАШКИ Божиновска повикува на рамноправност во зелениот сектор
На Меѓународниот форум за енергија и одржлив развој во Скопје, министерката Сања Божиновска порача дека инклузивната зелена транзиција е можно само со еднакво учество на жените во сите сектори на енергетиката.
Инклузивната и праведна зелена енергетска транзиција е невозможна без еднакво учество на жените, порачаа учесниците на сесијата „Жени во енергетиката“, одржана во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија и одржлив развој (IFESD-14) во Скопје.
Сесијата ја отвори министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, која потенцираше дека без родова еднаквост нема вистински напредок во енергетскиот сектор.
– Живееме во пресуден момент. Глобалната енергетска транзиција ги менува економиите, индустриите и општествата. Македонија е горда што е дел од оваа трансформација, инвестираме во обновлива енергија, ја зајакнуваме регионалната соработка и се грижиме транзицијата да биде одржлива и праведна – рече Божиновска.
Министерката истакна дека напредок кој ги остава жените зад себе не може да се нарече вистински напредок.
– Предолго, енергетиката се сметаше за „машки свет“. Но, ние секојдневно докажуваме дека тоа веќе не е така. Кога жените водат, енергетиката станува поумна, поправедна и похумана – додаде таа.
Според Божиновска, податоците потврдуваат дека организациите со повеќе жени на лидерски позиции имаат до 20% повисоки перформанси и иновации, а родово разновидните тимови се покреативни и поотпорни во кризи.
Во обраќањето до младите жени, министерката испрати порака на охрабрување.
– Не чекајте дозвола за да водите, заземете го вашето место. Не се сомневајте во вашата сила, посилни сте отколку што мислите. А до мажите, и вие сте ни потребни. Вистинскиот напредок се случува кога стоиме рамо до рамо – рече Божиновска.
Таа сподели и лично искуство, истакнувајќи дека како жена во енергетиката морала да се бори за своето место и да докаже дека компетентноста нема пол.
Божиновска нагласи дека Министерството за енергетика е меѓу најродово-избалансираните институции во државата, со повеќе жени од мажи во клучните сектори.
– Горда сум што ја претставувам Македонија како амбасадорка на „WOBA“ (Women on Board Adria), мрежа што ги поддржува жените лидери во регионот. Верувам дека рамноправноста не е услуга, тоа е право што мора да го бараме, браниме и градиме заедно – рече министерката, завршувајќи со цитат од Маргарет Тачер: „Ако сакате нешто да се направи, прашајте жена.“
Во сесијата се обрати и Ана Чернишова од УНДП, која потсети дека учеството на жените во енергетската транзиција и натаму е ограничено.
– Техничката експертиза и носењето одлуки во секторите на енергија и климатски промени се доминантно концентрирани кај мажите. Потребни се таргетирани политики за зголемена родова рамноправност во зелената транзиција – истакна Чернишова.
Преку програмите на УНДП досега се поддржани инвестиции во вредност од 8,5 милиони долари за решенија во чиста енергија, со фокус на жени претприемачи и домаќинства каде жените се носители на приходот.
Панелистите заклучија дека иднината на енергетиката мора да биде инклузивна, фер и визионерска, со еднакво место за сите што ја движат напред.
 
			