МИЦКОСКИ ГИ ОЦЕНИ ИЗЈАВИТЕ НА ФИЛИПЧЕ КАКО КАКАФОНИЧНИ Касами почна да испраќа пораки што прилегаат на градоначалник на мултиетничко Тетово
Филипче ја оценува Владата за година и половина работење, но никогаш не дава суд за своето претседателстување во СДСМ за истиот период и вели дека тој период е прекраток за да се цени неговата работа. Но, како наоѓа за сходно да цени како работи Владата за тој ист период, праша денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавите на Венко Филипче се какафонични, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на лидерот на СДСМ дека работата на Владата е катастрофална.
– Венко Филипче е сè уште претседател на најголемата опозициска партија во Македонија. Нормално е така да ја оценува Владата, бидејќи мисли дека на тој начин ќе добие поддршка во своето гласачко тело и кај граѓаните. Тој ја оценува Владата за година и половина работење и за тоа дава свој суд, но затоа пак никогаш не дава свој суд за своето претседателстување во СДСМ за истиот период. За тој период вели дека е прекраток за да се цени неговата работа, но тогаш како наоѓа за сходно да цени како работи Владата за тој ист период? Изјавите се какафонични, една со друга контрадикторни – рече Мицкоски.
Не мислам дека тоа е вистинската порака што треба да ја испрати СДСМ, додаде тој.
– Но, тоа се нивни работи и тие знаат како треба да работат – рече Мицкоски.
На новинарско прашање премиерот потврди дека имал средба со еден од лидерите на Вреди, Билал Касами, кој е кандидат за градоначалник на Тетово.
– Да. Јас се сретнав со Билал Касами. Разговаравме. И мислам дека тој веќе почна да ги испраќа оние вистински изјави кои треба да му прилегаат на еден градоначалник на мултиетничко Тетово – рече Мицкоски.
На прашање за реконструкција на Владата, Мицкоски потенцираше дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сега се фокусирани на вториот круг на локалните избори.
– Сега сме фокусирани на вториот круг на локалните избори. Очекувам ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да победи во сите општини каде што има кандидати за градоначалници во вториот круг. Веќе имаме победа во советите во 58 општини, 33 градоначалника веќе се избрани. Остануваат уште 26, колку што се во вториот круг. Да го заокружиме овој процес заедно со Градот Скопје и Советот, шеесетина општини плус главниот град, па сè останато. Потоа е еден процес низ кој што ќе се движиме. Во декември ни е партискиот конгрес, така што ве повикувам да ги следите настаните што ќе се случуваат – рече Мицкоски.