ПОЧНУВААТ ЕСЕНСКИТЕ МУЗИЧКИ СВЕЧЕНОСТИ Фестивалот ќе биде отворен со концерт на Националниот џез оркестар

„Есенските музички свечености“ претставуваат еден од најпрестижните музички фестивали во нашата земја.

295

Во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје од денеска до 10 ноември ќе се одржи јубилејното 25. издание на фестивалот „Есенски музички свечености“. Фестивалот свечено ќе биде отворен со концертот на Националниот џез оркестар насловен „Македонски сновиденија“, под диригентската палка на Владимир Николов со почеток во 20 часот на сцената на Малата сала на Филхармонија.

На 31 октомври со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар – Салон 19.19 ќе се одржи концерт на Георги Шарески. Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз.






На 2 ноември во Музеј на Македонска борба за самостојност во 20 часот ќе се одржи концерт на  Женскиот хор Фрида од Македонија – „Фрида Музикотерапија“. Аматерскиот женски хор ФРИДА е формиран во октомври 2023 година. Основач, раководител и диригент на хорот е Сузана Турунџиева – вокален солист и музички педагог. Хорот функционира во 2 секции/групи составени од по 60-тина хористки аматери, со големо хорско искуство.

На 5 ноември во Културно информативниот центар Салон 19.19 со почеток во 20 часот концерт ќе одржи концерт на Пламенка Трајковска – гудачки квартет – „Јохан Штраус во филмот“ и проекција на „Веселата војна“.

На 6 ноември во Културно информативниот центар Салон 19.19 во 20 часот ќе се одржи Солистичкиот рецитал: „Звуци на срцето и душата“ од Берислав Јерковиќ (баритон), Ана Дадиќ, (пијано) од Хрватска.

На 8 ноември во Културно информативниот центар Салон 19.19 во 20 часот ќе се одржо Камерен концерт – „Впечатоци од Шпанија“ од Миреја Пинто (мецосопран), Владислав Броневецки (пијано) од Шпанија. Миреја Пинто (родена во Манреса, Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија.

На 10 ноември, на последниот ден од фестивалот во Културно информативниот центар Салон 19.19 во 20 часот ќе се одржи Концерт на Једен Ансамблот од Турција. Једен Ансамблот е основан во Виена во 2018 година и организира концерти во различни делови на Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика. Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10-тиот век до денес, во различни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, танбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот.

Од своето основање во 1999 година, „Есенските музички свечености“ претставуваат еден од најпрестижните музички фестивали во нашата земја. Секоја есен, во периодот од октомври до ноември, Скопје станува сцена на врвни музички доживувања што ја обединуваат класичната, камерната, џез и современата музика.

Ова ќе биде јубилејно 25-то издание на фестивалот.

 

Поврзани содржини