СПОЈОТ НА СТОПАНСКА БАНКА БИТОЛА И АЛТА БАНКА ЌЕ ПОНУДИ НОВА ВРЕДНОСТ Интервју на извршниот директор Давор Мацура за „Блиц“

Нашите народи се блиски, многу нешта нè поврзуваат, и тоа дополнително нè обврзува да градиме односи засновани на доверба, разбирање и заеднички напредок. АЛТА банка сака да биде мост што поврзува, не само пазари, туку и луѓе, идеи, знаења и ресурси во служба на економскиот развој, вели извршниот директор на АЛТА Груп, Давор Мацура.

521

Извршниот директор на АЛТА Група Давор Мацура во разговор за српскиот портал Блиц зборува за аквизицијата на Стопанска банка АД Битола, улогата на АЛТА банка во зајакнувањето на регионалната стабилност и долгорочните планови на АЛТА Група насочени кон европскиот пазар.

Давор Мацура: Промените ќе се воведуваат внимателно, постепено и ќе бидат насочени кон подобрување на корисничкото искуство





АЛТА банка ја реализираше аквизицијата на Стопанска банка Битола. Што за вас лично значи овој чекор и кои се долгорочните планови во ова партнерство?

– АЛТА Група е резултат на децениска работа, посветеност, енергија и одлуки кои се носеле одговорно и промислено. Секој нејзин нареден чекор, вклучително и оваа аквизиција, е дел од природниот развој. Кога имате стабилен систем и тим кој знае да одговори на предизвиците, работи посветено и ја следи дефинираната стратешка визија, резултатите не можат да изостанат. Стопанска банка Битола е институција со силен идентитет и долга традиција, исто како и АЛТА банка, која речиси половина век ужива доверба од своите клиенти. Во ова партнерство гледаме можност да ја споиме силата на Стопанска банка Битола со регионалниот потенцијал на АЛТА Група и заедно да понудиме нова вредност. Да се биде на чело на значаен систем на финансиски институции носи одговорност, но и привилегија и предизвик високо поставените цели да бидат остварени. Во работата, како и во животот, најважно е да го знаете мотивот зад секое дејствување. Секоја одлука треба да има смисла која го надминува профитот, мора да остави трага и да биде дел од поголема слика што ја градиме заедно со луѓето со кои соработуваме.

Кои се клучните причини за влез на АЛТА банка на пазарот на Северна Македонија и што очекувате од тој потег?

– Влегувањето на пазарот на Северна Македонија за нас претставува многу повеќе од проширување на бизнисот. Тоа е можност да придонесеме кон јакнење на економската соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и реални потреби.
Уште поважно, ќе отвориме простор за значително подобрување на квалитетот на банкарските услуги, за тие да бидат поблиски до луѓето, подостапни и прилагодени на нивните секојдневни потреби. Модернизацијата на банкарскиот сектор има директно влијание врз подобрувањето на животниот стандард, поттикнувањето на претприемништвото и одржливиот економски раст. Пазарот на Северна Македонија има потенцијал, а ние имаме ресурси и искуство за да го поддржиме неговиот понатамошен развој. Нашите народи се блиски, многу нешта нè поврзуваат, и тоа дополнително нè обврзува да градиме односи засновани на доверба, разбирање и заеднички напредок. АЛТА банка сака да биде мост што поврзува, не само пазари, туку и луѓе, идеи, знаења и ресурси во служба на економскиот развој.

Како ја гледате својата улога во зајакнувањето на регионалната стабилност во контекст на поширокото економско и политичко опкружување?

– АЛТА Група не се вклучува во политички процеси. Веруваме дека нашата улога е да бидеме сигурен партнер на населението и стопанството, независно од политичките околности. Економијата е движечка сила – таа го обликува квалитетот на животот, отвора можности и создава простор за развој. Затоа финансиските институции не треба да бидат пасивни набљудувачи, туку активни учесници и сигурни сојузници во нејзиниот раст. Нашиот фокус е на создавање конкретни вредности, поврзување на пазарите и градење доверба која ги надминува географските граници и општествено-политичките разлики. Мојата, како и улогата на АЛТА Група, е преку конкретни чекори достапни и сигурни финансиски услуги, поддршка на локалните економии и долгорочни партнерства да придонесеме за создавање средина во која луѓето се чувствуваат побезбедно. Регионалната стабилност не се гради со големи зборови, туку со мали, доследни чекори што покажуваат дека сме тука и дека остануваме.

Што конкретно им носите на клиентите во Северна Македонија?

– Клиентот не е број во системот, тоа е личност со планови, грижи и надежи. Ако тоа не го разбереме, не можеме да бидеме институција што заслужува доверба. Ние не нудиме производи, туку решенија прилагодени на реалните потреби на човекот.
Нашата сила е во спојот на проактивен пристап, технолошки иновации и персонализирана грижа за клиентот. Тоа е она што нè издвојува и што ќе го пренесеме на пазарот на Северна Македонија, како и на сите пазари на кои ќе работиме во иднина. Промените ќе се воведуваат внимателно, постепено и ќе бидат насочени кон подобрување на корисничкото искуство. Ќе се фокусираме на достапност, дигитални решенија и транспарентна комуникација. Нашата цел е АЛТА банка да стане синоним за сигурно, ефикасно и достапно банкарство.

Како АЛТА Група го дефинира својот стратешки правец во наредните години, особено во контекст на европскиот пазар?

– АЛТА Група го дефинира својот стратешки правец преку регионална експанзија, унапредување на технолошките капацитети, развој на современи банкарски решенија и иновации што на клиентите им носат поедноставни, побрзи и побезбедни услуги.
Европа е наш природен простор за раст, не само поради географската положба, туку и поради вредностите што ги споделуваме со тие пазари. Внимателно го анализираме секој нов пазар, одлуките ги носиме стратешки, со разбирање на локалниот контекст и долгорочните потенцијали. АЛТА Група напредува брзо, одлучно и непоколебливо, затоа што веруваме во тоа што го правиме и знаеме како да го реализираме.

Извор: Блиц

Поврзани содржини