ЛУКРОВСКИ ВЕТИ НОВА ГРАДИНКА ВО КАРПОШ И ОБНОВА НА СТАРИТЕ Бесплатни курсеви за основците по роботика, музика, програмирање или странски јазици
Кандидатот за општина Карпош вети отворени училници во дворовите на основните училишта во Тафталиџе, Карпош 3, Козле, каде децата ќе учат биологија, ликовно, или физичко под ведро небо, а не под неонка.
Кандидатот за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ Сотир Лукровски вети нова градинка со капацитет од најмалку 200 деца, со современи енергетски стандарди, отворени училници и двор кој ќе биде простор за игра и учење, преку природа по светски стандарди.
Тој најави целосна реконструкција на сите постоечки градинки, замена на старите изабени креветчиња и плакари со нов безбеден мебел, подобрување на осветлувањето, подовите и тоалетите.
– Ќе воспоставам и сензорни зони за децата со посебни образовни потреби затоа што секое дете заслужува достоинствено место во општината. Но мојата визија за образованието не завршува во градинките, јас ќе создадам отворени училници во дворовите на основните училишта во Тафталиџе, Карпош 3, Козле, каде децата ќе учат биологија, ликовно, или физичко под ведро небо, не под неонка – рече Лукровски.
Тој најави интерактивни табли и современа опрема за секоја училница.
– Ќе воведам програма едукација плус, преку која секое дете од трето до деветто одделение ќе има можност за бесплатни курсеви по роботика, музика, програмирање или странски јазици. Директно во своето училиште во наставниот дел. Сакам децата да остануваат во училиштата затоа што сакаат, не затоа што мораат. Ќе воспоставам и Совет на родители, каде секоја мајка и секој татко ќе може директно да предложи подобрување, без формални процедури, без чекање, ако некоја училница прокиснува, ако некој премин е небезбеден, јас сакам тоа веднаш да го слушнам и веднаш да реагирам – рече Лукровски.
Тој порача: Општината под мое водство нема да биде директор што издава наредби одозгора, туку партнер што слуша и дејствува.