ПОЧЕСЕН ОСКАР ОД ЕВРОПСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈА ЗА ЛИВ УЛМАН Легендарната актерка е најпозната по улогите во филмовите на Ингмар Бергман
Престижна награда за животно дело на легендарната Норвежанка Лив Улман (86), ќе ѝ додели Европската филмска академија/EFA за нејзиниот уникатен придонес во светот на киното како актерка, но и како режисерка. Улман е амбасадорка на добра волја на УНИЦЕФ, коосновачка и почесна претседателка на Комисијата за жени бегалци и посветена поддржувачка на други добротворни организации.
Наградата за животно дело за 2026 година, Европската филмска академија/EFA ќе ѝ ја додели на легендарната Норвежанка Лив Улман (родена 1938 година). Дивата на европското кино, една од најголемите во историјата, заработи почесен Оскар на ЕУ за нејзиниот уникатен придонес во светот на седмата уметност преку нејзиниот извонреден актерски опус, првенствено во филмовите на големиот шведски режисер Ингмар Бергман, но и како режисерка и сценаристка.
– Улман помогна во обликувањето на нашето разбирање на европското кино – се вели во соопштението на Европската филмска академија. Таа ги освоила речиси сите награди, вклучувајќи ги почесните норвешки и шведски награди „Аманда“ и „Гулдбаге“, како и оние на фестивалите во Копенхаген, Гетеборг, Карлови Вари и Сан Себастијан, признанието на EFA за европски достигнувања во светското кино и почесен Оскар.
Интересно е што Лив е родена во Токио и израсната во Канада пред да се пресели во Норвешка со нејзината мајка и сестра. Таа се приклучила на Норвешкиот национален театар во Осло по завршувањето на школата за глума и веќе била етаблирана актерка кога го запознала Бергман во средината на 1960-тите.
Нејзините улоги во филмовите на Бергман, заедно со Биби Андерсон, Макс фон Сидов и Ерланд Јозефсон, ѝ донесоа меѓународна слава и признание. Само помислете на ремек-делото „Персона“ (1966) и нејзината феноменална улога како немата актерка Елизабет Фоглер.
Брилијантна беше и како поранешната виолинистка Ева Розенберг во „Срам“ (1968) и како жена што ја посетува својата сестра на умирање во „Крици и шепотења“ (1972); за втората улога ја освои специјалната италијанска награда Давид ди Донатело. Потоа следеше подеднакво импресивна изведба во „Сцени од брачниот живот“ (1974); одлична беше како сопругата Маријана и доби номинација за БАФТА, а ја освои и италијанската награда Давид ди Донатело за најдобра странска актерка.
Нејзината улога како психијатарката Џени Исакссон во „Лице в лице“ (1976) ѝ донесе номинација за БАФТА и Оскар. Нејзината најдобра изведба, која ѝ донесе уште еден Давид ди Донатело, беше во „Есенска соната“ (1978), како посветена сопруга, мајка и старателка која, по седум години разделба, ја поканува својата мајка, светски позната пијанистка, да ја посети.
Таа, исто така, сними значајни филмови со Јан Троел („Нов свет“), со акцент на „Иселениците“ (1971), кој ѝ ја донесе првата номинација за Оскар, и со Мауро Болоњини („Збогум, Москва“; исто така награден со Давид ди Донатело).
Како режисерка, Улман го имаше своето деби со „Софија“ (1992), за животот на една Еврејка во Копенхаген од 1886 до 1907 година, по што следеше адаптација на историскиот еп „Кристин Лаврансдатер“ (1995), за добитничката на Нобелова награда сместена во Норвешка во 14 век, и „Приватни исповеди“ (1996), базиран на сценариото на Бергман на тема несовршен брак, за кој го ангажираше фон Сидов.
Нејзиниот филм „Faithless“ (2000) премиерно се прикажа во конкуренција во Кан и беше номиниран за шпанската награда Гоја. Како режисерка е најпозната по филмот, „Госпоѓица Џули“ (2014), во кое глумат Колин Фарел и Џесика Честејн. Лив ќе биде почесен гостин на 38-то доделување на Европските филмски награди на 17 јануари 2026 година во Берлин, каде што ќе ѝ биде доделена наградата за животно дело.
Лив Улман е амбасадорка на добра волја на УНИЦЕФ, коосновачка и почесна претседателка на Комисијата за жени бегалци и посветена поддржувачка на други добротворни организации.