МЕГАПАРК ЗА СПОРТ И ЗА ЗАБАВА ПОКРАЈ ЛЕПЕНЕЦ Градинка, фасади, училишни базени и рекреативна зона ќе гради Лукровски во Карпош
Вистинскиот избор за Карпош е Сотир Лукровски, кој ќе се залага да го врати сјајот и ќе ја направи Карпош зелена, чиста и модерна општина, соопштени ВМРО-ДПМНЕ.
Општина Карпош изминатите 4 години целосно уназадува, наместо реализација на проекти и подобрување на квалитетот на животот, во Карпош владее безредие и хаос и затоа на Карпош и на карпошани им треба човек кој има план, визија, стратегија за работа, проекти и мерки за сите граѓани, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Човек кој ќе се однесува домаќински со општинските пари, ќе ги решава проблемите на карпошани и ќе ги слуша нивните барања. Вистинскиот избор за Карпош е Сотир Лукровски, кој ќе се залага да го врати сјајот и ќе ја направи Карпош зелена, чиста и модерна општина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во својата програма, се додава, Лукровски ветува нова рекреативна зона – „Карпош хајкинг делта“, со пешачки и велопатеки, летниковци и пошумување со 10.000 нови садници.
„На површина од половина милион квадратни метри ќе се изгради мегазабавен парк 1020, со најсовремен спортски центар, картинг-патека и комплекс за мини голф покрај Лепенец. Тоа ќе биде простор за спорт, адреналин и за рекреација, отворен за сите генерации, но и ново обележје што ќе го стави Карпош на мапата на модерните општини“, најави партијата.
За да се реши сообраќајниот хаос и метеж низ општината ќе се изградат 600 нови паркинг места, додава ВМРО-ДПМНЕ.
„Дигитална Општина – нова апликација „МОЈ Карпош“ каде што граѓаните ќе можат да алармираат за одреден пропуст, а надлежните веднаш ќе излезат на терен. За најмалите ќе се изгради нова детска градинка, а постоечките ќе се прошират. Ќе се обезбедат субвенции за целосна реконструкција на фасадите со што ќе постигне поголема енергетска ефикасност, пониски сметки за греење и ладење и поубава урбана слика за Карпош“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ќе се изградат и два нови затворени училишни базени каде што децата ќе можат да пливаат и да се рекреираат, се додава во соопштението.
„Вие граѓаните одлучувате дали работите ќе се променат на подобро или Карпош ќе продолжи да тоне во ѓубре и смет. Промените се во вашите раце, затоа ги повикуваме карпошани на 19 октомври да излезат и да гласаат за вистинскиот избор, за твојот човек, за твоето место, за твојата иднина, Сотир Лукровски и советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Заокружи 9“, повикува владејачката ВМРО-ДПМНЕ.