🎥 ПОСЛЕДНА ШАНСА ЗА ЧУЧЕР САНДЕВО Зоран Бајовски порача дека општината не може да служи за приватен интерес на поединци
Зошто не се искористени 176 милиони денари обезбедени уште во 2022 година преку меѓуопштинската соработка со Град Скопје и со Бутел? Зошто не аплициравте навреме на првиот повик за средствата од унгарскиот кредит и како се потрошени парите добиени од вториот повик — 1.235.000 евра од Владата?, праша Бајовски.
Чучер Сандево заслужува конкретни проекти и резултати, а не нови празни ветувања, вели кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Бајовски.
– Програмата што ја презентираме е јасна, практична и посветена на решавање на навистина важните проблеми: канализација и прочистителна станица во Кучевишка Бара, нови водоводни извори за Бањани, Кучевиште и Побожје, асфалтирање на клучни улици, мостови, мултифункционална спортска сала, чистење на диви депонии и бесплатен летен одмор за деца од ранливи категории. Овие интервенции не се луксуз — тие се основа за здравје, безбедност и економска стабилност на секое семејство во општината – рече тој.
Според него, реалноста што ја гледаат граѓаните е резултат на години неработење и одложувања од страна на актуелната локална власт.
– Средствата кои требаше да бидат искористени останаа неискористени, а проблемите наталожени. Поставуваме конкретни прашања до сегашниот градоначалник: зошто не се искористени 176 милиони денари обезбедени уште во 2022 година преку меѓуопштинската соработка со Град Скопје и со Бутел? Зошто не аплициравте навреме на првиот повик за средствата од унгарскиот кредит и како се потрошени парите добиени од вториот повик — 1.235.000 евра од Владата? – праша Бајовски.
Тој порача дека Чучер Сандево не може да служи за приватен интерес на поединци.
– Наместо транспарентна работа и реални проекти, жителите сведочат за приоритети кои не се во јавен интерес: артеони, станови, скапи автомобили и сомнителни договарања околу дивоградби од кои произлегуваат провизии и обврски за рушење. Ова не е случајна критика, туку сериозни обвиненија кои бараат јавно објаснување од градоначалникот и одговорност пред граѓаните – рече Бајовски.
Тој го повика актуелниот градоначалник да престане со омаловажување и со ширење дезинформации.
– Кажете ја вистината за потрошените и неискористените пари, објавете јавно извештај за сите јавно финансирани проекти и преземете конкретни чекори за итна рехабилитација на инфрастуктурата. Народот гледа кој работи и кој само зборува. Секој ден од неодговорноста значи поголема штета за нашиот животен стандард и за иднината на децата – рече тој.
Бајовски вели дека останува посветен на програмата и на граѓаните и дека ќе ја реализира канализацијата и прочистителната станица во Бара, ќе обезбеди стабилно водоснабдување, подобри улици и мостови, спортски и младински содржини, чиста животна средина и поддршка за ранливите семејства.
– Апелираме до соседите: барајте отчетност, поддржете ги мерливите и одговорни решенија и помогнете да ја вратиме надежта и достоинството во Чучер Сандево – повика Бајовски.