ОПШТИНА ЦЕНТАР ЌЕ ДОБИЕ НОВА СТАКЛЕНА ЗГРАДА Герасимовски е горд што се создала вистинска центарска приказна
Прва општина која има свој дом за стари лица, 5.000 денари - поддршка за старите лица, бесплатна втора смена во градинките, отворање на новата сала на „Работнички“, наброја Герасимовски.
Кандидатот за градоначалник на Центар и актуелен градоначалник на општината, Горан Герасимовски, синоќа изјави дека и во вториот мандат, ако го добие, ќе продолжи поддршката кон ранливите граѓани и највозрасните.
– Стануваме прва општина која има свој дом за стари лица. Стануваме општина во која ја зголемуваме двојно, на 5.000 денари, поддршката за старите лица, покрај негата во домашни услови. Воведуваме бесплатна втора смена во градинките, продолжуваме со финансиска помош на младите, го зголемуваме износот на стипендиите за нашите талентирани ученици и млади спортисти. Во текот на кампањата ќе ја видиме новата сала на „Работнички“, која ќе стане Вруток на победници и успешни млади луѓе – рече Герасимовски.
Тој потенцираше дека за да се успее во секоја работа, човек мора да биде чесен, отворен за комуникација и да знае да слуша.
– Започнуваме со новата граѓанско-административна зграда. Во неа сакаме сите да имаат свој простор, да биде отворена и стаклена, за да се гледа сѐ. Затоа што ние немаме што да криеме. Сакав преку мојот пример да покажам дека да се биде добар домаќин, добар градоначалник, не мора и не смее да се потроши ниту еден граѓански денар за себе. Не потрошив ниту еден денар за дневници и за кафеани, не се возев со шофер бидејќи не сум така скроен. Сите пари за овие намени, го дадовме за социјални потреби, за да помогнат на други, таму каде што е поважно – изјави Герасимовски.
Тој посочи дека во Центар е горд на многу работи, но на една е најмногу горд.
– Верувам дека успеавме да креираме вистинска центарска политичка и граѓанска култура, едно вистинско граѓанско движење и дух. Центарска приказна, во која Општината дава шанса преку нашето невладино јадро, а потоа слуша и соработува. Центарска приказна, во која со статуите, муралите, но најмногу од сѐ, со почитта и човечкото признание на нашите великани, покажуваме дека го почитуваме минатото, вредностите и личните успеси. И покажуваме дека можеме да ја поддржуваме целосно и силно, нашата македонска, чиста, изворна, историска култура, јазик, традиција и пред сѐ луѓе! Бидејќи луѓето, граѓаните, нивните мали, но огромни во исто време, приказни и успеси се најважни за нас, за нашата нова вистинска приказна во Центар! Бидејќи успесите се заеднички, а обврската за нив е најмногу моја и на мојот тим – додаде Герасимовски.