„АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ ГО ВОВЕДЕ РЕВОЛУЦИОНЕРНИОТ СИСТЕМ ЗА РАДИОТЕРАПИЈА И РАДИОХИРУРГИЈА TRUEBEAM Нова ера во третманот на малигните заболувања

TrueBeam од реномираниот производител Varian Medical Systems овозможува извонредна прецизност и ефикасност при третманот на дури и најсложените видови карцином, како што се: тумори на белите дробови, абдоменот, главата и вратот, мозокот и дојката.

291

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го воведе напредниот линеарен акцелератор кој е целосно интегриран за изведување на радиотерапија и радиохирургија. TrueBeam од реномираниот производител Varian Medical Systems овозможува извонредна прецизност и ефикасност при третманот на дури и најсложените видови карцином, како што се: тумори на белите дробови, абдоменот, главата и вратот, мозокот и дојката.

Проф. д-р Дева Петрова, специјалист по онкологија, истакнува дека по 13 години упорна работа и посветеност, Одделот за онкологија и радиотерапија при Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и понатаму ја потврдува својата посветеност со значаен напредок.






– Денес, со гордост ја најавуваме новата ера во третманот на малигните заболувања – со набавката на линеарниот акцелератор TrueBeam, првпат во нашата земја ќе се применуваат радиохирургија и стереотаксична радиотерапија. Радиохирургијата и стереотаксичната радиотерапија овозможуваат исклучителна прецизност во третманот на малигните, како и некои бенигни тумори, со максимална заштита на здравото ткиво и пократко времетраење на терапијата. Нашата мисија остана иста – да им обезбедиме на пациентите најсовремено лекување и најголема можна поддршка во најтешките моменти од нивниот живот – вели д-р Петрова.

Пациентите сега имаат пристап до терапии со висока прецизност, брзина и удобност, додека медицинскиот тим има капацитет да се справува со најсложените случаи на канцер со зголемена ефикасност.

– Технологијата TrueBeam ни овозможува да применуваме различни напредни техники на зрачење, меѓу кои интензитет-модулирана радиотерапија (IMRT), радиотерапија водена од слика (IGRT), стереотактичка радиохирургија (SRS), стереотактичка радиотерапија на телото (SBRT) и RapidArc радиотерапија – напредна форма на волуметриски модулирана aрк терапија (VMAT). Оваа разновидност ни дава можност третманите да ги приспособиме според специфичните потреби на секој пациент, избирајќи ја најсоодветната техника за конкретниот случај – објаснува проф. д-р Петрова.

Според д-р Петрова, третманот на пациентите со TrueBeam се одвива низ неколку клучни фази: изработка на индивидуален план за терапија, изведување на третманот и контрола во тек на третманот.

– Откако ќе се соберат сите релевантни информации за карактеристиките на туморот, се подготвува прецизен план за третман што ги определува: точната доза, времетраењето и динамиката на зрачењето – објаснува д-р Петрова.

ВИЗУАЛИЗАЦИЈА И СЛЕДЕЊЕ НА ТУМОРОТ ВО 3Д-СЛИКА ВО РЕАЛНО ВРЕМЕ

Пред и за време на третманот, системот TrueBeam создава висококвалитетни 3Д-снимки во реално време, кои овозможуваат докторите прецизно да ја следат и приспособуваат позицијата на пациентот. На овој начин, туморот може да се визуализира со највисока точност, што значително ја зголемува ефикасноста на терапијата.

ИНТЕГРАЦИЈА НА TRUEBEAM И СИСТЕМОТ IDENTIFY

Varian ја унапредува технологијата за површинско-гранично радиотерапевтско следење (SGRT) со интеграцијата на системот IDENTIFY во своите TrueBeam-системи. Овој напреден систем овозможува прецизно позиционирање на пациентот, управување со движењата за време на терапијата и следење во реално време, со што се зголемуваат прецизноста, ефикасноста и безбедноста на третманите, што е клучно при третмани каде што органите се во движење (на пример, при дишење).

– Системот IDENTIFY обезбедува брзо и високопрецизно следење на движењата за време на изведување на широк спектар на третмани и техники, вклучувајќи: стереотактичка радиохирургија (SRS), стереотактичка радиотерапија на телото (SBRT) и третмани со контрола на дишењето. На пример, при дишењето, додека функционираат белите дробови, тие се движат и дијафрагмата го поместува црниот дроб, а системот TrueBeam се приспособува на овие мали промени во положбата на туморот во текот на терапијата – објаснува д-р Петрова.

МУЛТИДИСЦИПЛИНАРЕН ПРИСТАП ВО ТРЕТМАНОТ НА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ

Во Центарот за онкологија и радиотерапија при „Аџибадем Систина“, третманот на пациентите се планира низ мултидисциплинарен пристап. Онколошкиот конзилиум составен од доктори специјалисти од различни области соработува за да обезбеди најсоодветен и индивидуализиран план за лекување на секој пациент.

Со воведувањето на TrueBeam, „Аџибадем Систина“ уште еднаш го потврдува својот фокус на здравјето на пациентите, стручност и грижа, обезбедувајќи радиотерапевтска нега според највисоки светски стандарди и нудејќи техники кои досега не беа достапни за нашите пациенти.

Поврзани содржини