🎥 БРАВО СИМЕ! Нашиот пијанист четири пати вратен на бис во најреномираната концертна сала во Амстердам

На 29 септември во најпознатата концертна сала во Амстердам, македонскиот пијанист Симон Трпчески настапил како прв во годинешната сезона на серијата „Големи пијанисти“. Трпчески бил 4 пати вратен на бис, а на третиот, во чест на своите сонародници во публиката ја отсвирел „Не си го продавај Кољо чифликот“, во аранжманот на прoф. Димитрие Бужаровски. Можете да го видите како после концертот, заедно со сите Македонци од публиката, Трпчески и ја пее истата.

94

 

По концертот на нашиот пијанист со светски глас, Симон Трпчески, на 29 септември, во најпознатата концертна сала во Амстердам „Концертгебау“ (Concertgebouw) кадешто го имаше својот соло рецитал, како прв во овогодинешната сезона на серијата „Големи пијанисти“, неговата колешка и пријателка, пијанистката Цветанка Созовска која живее и работи во Холандија, на својот профил на Фејсбук објави одлична рецензија за концертот со која се согласуваат сите наши луѓе кои имале можност да бидат таму.
Дополнително, Трчески ја имал и честа да го промовира најновото инструментално богатство на салата, нивниот најнов Стеинвеј клавир.
За воодушевувањето и реакциите на публиката, најдобро зборува текстот на Созовска кој ви го пренесуваме подолу. Под него можете да го видите и видеото снимено по завршувањето на концертот, кадешто пијанистот заедно со сонародниците ја пеат онаа нашата: „Не си го продавај Кољо чифликот“.
– Дека на Симе местото во оваа серија апсолутно му припаѓа нема сомнение, и дека нивото на кое тој свири е на највисокото можно ниво, и за тоа не се сомневаме. Нека тоа е што е наш најголем амбасадор е и субјективна оценка, но Симе буквално растури – вели Созовска.





– Ќе ви раскажам од моја перспектива, како некој што го знае Симон од најмали нозе, буквално уште од маало, па до крајот на студиите кои ги теравме заедно во Скопје, а сега негова верна Бенелушка публика (да, оти знам за него и до Белгија да се прошетам).
…. Вчерашниот концерт беше солистички и дури и на немузичарите им е јасно каков залак е тоа. А Симе баш си зел еден така посаглам залак за ова соло издание: Бетовен два пара варијации (12 варијации на руска тема во А-дур и 32 варијации на своја тема во це-мол), а помеѓу нив ни боеше со „Октомври“ и „Думка“ на Чајковски; по паузата една палета валси од Равел и сето крунисано со Свитата од „Оревокршачка“ од Чајковски, во пијано преработка на Михаил Плетњев.
Варијациите од Бетовен, особено вториот „пакет“, покрај богатата и уникатна, по музички линии, градба, ја имаат и својата особена тешка техничка структура, која на Симе под прстите му минува како да е нешто многу едноставно. Во музичките и динамични решенија на овие дела ја видовме пак оригиналноста на Симе во неговото „пеење“ во свирењето, како и донесувањето на овој музички стил во „правото“ светло, ако можеме да си дозволиме да му ставиме печат на класицизмот: концизни тематски линии, јасна структура и од една до друга варијација прелев и препознатливост на основната тема без многу „ујдурми“ или со музички јазик: come sta.
Едноставно одлично! – почнува таа.
– Од првиот Бетовен, без аплауз навираат првите два акорда на „Октомври“ од Чајковски – МАГИЈА! Ете го другиот Симе на сцена: поетот и магионичарот на префинетиот звук.
Од „Октомври“ во „Думка“ сето прелев од динамика и прекрасно обликуван тон, со многу грижа и леење среќа, не само себеси, туку и на публиката. Дури ни квичењето на нечие апаратче за слушање, кое ја растревожи целата сала за време на овој блок, не го измести Симе ни најмала секунда од неговата неверојатна концентрација за да во тие искривени моменти на чудни звуци во салата, ни ги даде најубавите пијано (како динамика) тонови на вечерта.
По паузата (кога и всушност, дознавме дека криците од првиот дел не биле некој загрижувачки аларм, ами апаратче на нечие уво, па сите со апаратче да си ги проверат „машинките“ во ушите пред почетокот на вториот дел), Симе му „влезе“ на Равел. Сакаш џез ли, романтизам, бои на платно – прелевање од еден до друг дел, лирики, бравури…дури и не осетивме кога блоков заврши! Прекрасно, пре-крас-но!
И еве го последниот блок: делови од „Оревокршачка“. А публиката, поведена од толку препознатливи звуци, како најпрвиот дел „Маршот на лимените војничиња“, како поинаку да реагира освен веднаш со аплауз. И така се редат 7-те дела, кој од кој поубав, лирски руски мелодии, со технички турбуленции од најголем размер. Леле мајко, кога го „фана“ последниот дел Andante maestoso (Pas de deux), па кога почнаа од акорд до акорд да ти се кинат парчиња од внатре од тие бурни акордски градења, константно растечки динамики, бравурозни скали нагоре надоле, си викаш „може ли и повеќе до ова, може ли и подлабоко, побогато, пораскошно со секој нов наплив на линијата“ – е можело. Симе ги растргна сите душевни структури во нас, тоа беше тотално неверојатно!
Па каква свирка беше тоа! Народот рипна со викотници на нозе. Луѓе, ова беше прав рок концерт! Ова го имам само еднаш другпат доживеано со светската дива Cecilia Bartoli, во истава сала, да урлаш и аплаудираш. Незаборавно! БРАВО СИМЕЕЕЕ!
И секако дека го вративме и на бис. Но овојпат ЧЕТИРИ пати! Видна беше и возбудата на Симе при првиот, и тој беше облиен од емоции и по мала тишина во салата рече: размислувам сега што да ви отсвирам. Па тука ни го приреди Пуленк со „Омажот кон Едит Пјаф“; при вториот само летечки седна и кога веднаш го грмна трети став од Прокофјев седмата соната(да, тој делот во 7-осмини), парче правење, луѓето уште само што не летнаа кога рипнаа громогласно по овој бис!
И ете, со третиот не почести нас, Македонците, кои вриевме овојпат во салата, можам да кажам дека речиси сите што ги знам, ги видов таму: прозвуче аранжманот на „Не си го продавај Кољо чифликот“ на прoф. Димитрие Бужаровски.
Е затоа ние кои отидовме кај Симе по концертот да го поздравиме (тоа беше еден полн ходник Македонци) му ја викнавме „Кољо“, да не помисли случајно дека сме ја заборавиле.
За крај, четвртиот бис, композиција од Вила Лобос, прекрасен гест од Симе: овој бис го посвети на г-н Марко Риаскоф, кој е првиот менаџер кој го покани Симе за првпат да свири во Холандија пред повеќе од 20 години, врвен и признат холандски менаџер, кому, за жал, за време на короната агенцијата му пропадна. А Симе, како дете од фамилија, уште еднаш покажа голема почит и благодарност кон овој човек, кој беше во публиката и беше многу трогнат од гестот.
И за крај, секако, му се изнаредивме сите Македонци, тој сите ги прими како да му се домашни пријатели (како и секогаш што прави), се испосликавме, запеавме и, и нам, а и на Симе душите ни се наполнија со радост и љубов.
Моето другарче од детство е одамна признат светски пијанист, ама по подолго време повторно слушајќи го во живо, можам многу убаво да ја доживеам неговата голема зрелост, со која владее сега на подиумот и да ми се уште појасни неговите музички решенија кои се само негови и по кои јасно може да се препознае дека тоа е неговата свирка и ничија друга. И многу се радувам и се гордеам со сето тоа!
За крај, секако, едвај чекаме пак да ни дојде. Драг Симе, фала ти за ова препреуникатно и незаборавно доживување – завршува пијанистката Цветанка Созовска.

Поврзани содржини