НЕМА ДА ИМА ОТПУШТАЊА ВО КУЛТУРАТА Ќе има спојување кај некои институции
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков тврди дека никој нема да остане без работа по најавената реорганизација на културните установи. Според него, дел од институциите ќе се спојуваат затоа што постојат манифестации со десетици предвидени работни места, а работат само неколку дена годишно.
Никој нема да биде отпуштен од работа, а дел од националните установи во културата ќе се фузираат и ќе продолжат да функционираат во рамки на други институции, најави министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Тој објасни дека реорганизацијата е дел од Националната стратегија за развој на културата 2026-2030 и има цел подобро функционирање на институциите.
Љутков рече дека постојат манифестации што работат само неколку дена годишно, а имаат систематизирани десетици работни места.
– Имате манифестација што работи три дена во годината, а во планот за вработување, со систематизацијата, некаде 25 до 30 работни места. За нас е многу поважно таа институција да не се угасне, туку да влезе под веќе постоечка институција како одделение или сектор – рече Љутков.
Министерот нагласи дека нема да има гасење на институциите, туку нивно спојување со установи кои имаат капацитет и потреба од таков вид дејност.
– Нема да има укинување на институциите во културата, туку нивна современа реорганизација. Оптимизацијата значи фузирање на одредени институции што немаат капацитет да продолжат да работат со друга установа која има потреба од таков вид услуга – изјави Љутков.
Тој додаде дека фокусот ќе биде ставен врз стручниот кадар, а не врз администрацијата.
– Не се отпуштаат носителите на дејности. Напротив, ќе се зголемува бројот на вработени, посебно кај стручните кадри, а не кај административниот кадар – рече министерот.
Љутков посочи дека дел од институциите биле формирани без доволна анализа и денес функционираат со само еден вработен.
– Неколку од новите институции, формирани во 2023 година, останаа со по еден вработен. Верувајте, ќе функционира многу подобро ако бидат дел од веќе постоечка институција отколку вака независно и самостојно.
Тој нагласи дека реорганизацијата се подготвува во консултација со вработените и директорите на институциите.
Министерот повтори дека сите вработени ќе останат во системот на културата.
– Преобликувањето на мрежата на установите не подразбира укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација во функција на мисијата и визијата за која се основани. Ниедно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место – порача Љутков.