13 ИНТЕРВЕНЦИИ НА БРЗАТА ПОМОШ ВО ТРУБАРЕВО Една жена е префрлена на Клиниката за токсикологија

Кризниот штаб кој веднаш го формиравме континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки, согласно со околностите, вели министерот за здравство, Азир Алиу.

124

Во текот на минатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, соопшти Министерството за здравство.

– Министерството за здравство ја следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици. Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб кој веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите – порача министерот за здравство, Азир Алиу.






Директорот на Клиника за токсикологија, д-р Арѓенд Имери информираше дека пациентката која е примена во текот на ноќта е во добра состојба.

– Пациентката имала и други пропратни симптоми и од тие причини е задржана на лекување, но најважно е дека е добра состојба. Денеска во текот на денот уште тројца пациенти се амбулантски прегледани на Клиниката и пуштени дома – истакна д-р Имери.

Во саботата во склад за електронски отпад во Трубарево избувна голем пожар, кој предизвика големо загадување на воздухот што се чувствуваше во целата Скопска Котлина. За време на пожарот беше дадена препорака за евакуација на дел од жителите на Трубарево. Учениците од ова населено место неколку дена наставата ќе ја следат онлајн.

Поврзани содржини