„ЌЕ ТЕ УБИЈАМ И ТЕБЕ И СЕМЕЈСТВОТО АКО НЕ ПЛАТИШ“ Битолчанец со закани сакал да изнуди пари од бизнисмен
Обвинителството соопшти дека осомничениот со месеци го малтретирал и уценувал оштетениот, а бил фатен во контролирана акција при примопредавање на парите.
Основното јавно обвинителство Битола соопшти дека е уапсен 42-годишен жител на градот, кој е осомничен за продолжено кривично дело изнуда. Според обвинителството, тој со сериозни закани барал пари од бизнисмен, прво под изговор на донација, а подоцна со закани дека ќе го нападне или убие него и неговото семејство.
„Осомничениот во повеќе наврати испраќал пораки и закани преку социјални мрежи, СМС и гласовни пораки. На крајот побарал 2.000 евра од оштетениот, наводно за одмор за своите внуци“, информираат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека по пријава на жртвата е изготвен план за контролирана испорака на парите.
„При договорената средба во деловните простории на оштетениот, осомничениот ги примил парите кои претходно беа крим-технички обработени. Веднаш потоа беше претресен и лишен од слобода, а парите беа пронајдени кај него“, стои во соопштението.
Од Обвинителството нагласуваат дека ова е прва целосно реализирана оперативна акција на новоформираниот Истражен центар на ОЈО Битола, кој со работа започна на 1 август годинава.
„Јавниот обвинител веќе достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, информираат од институцијата.