ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА Е ВО КРИЗА Десет конфекции ставија клуч на врата во осум месеци
Падот на нарачките од странски партнери и економските кризи ги затвораат македонските текстилни конфекции, особено во источниот дел на државата, а работниците се загрижени за иднината.
Во последните осум месеци, десет македонски текстилни конфекции ставија клуч на врата, а сите се лоцирани во источниот дел на земјата, предупредува Ангел Димитров од Организацијата на работници. Причината за ваквиот колапс, како што посочува, е намалувањето на порачките од страна на странските партнери.
– Јас немам точен податок, но од она што ми го кажуваат колегите, околу десеттина конфекции ја затворија својата дејност. Дури и оние што продолжуваат со работа, ги намалуваат бројот на вработени, особено со заминувањето на постарите работници во пензија, без намера да ангажираат нови луѓе за одржување на производството на претходното ниво – изјави Димитров за МИА.
Тој додава дека македонскиот текстилен сектор во последните години преживеал три кризи, по што се намалија налозите од традиционалните германски партнери.
– Во моментов конфекциите работат на помали налози, бидејќи тие што доаѓаат од Бангладеш, нашите партнери не ги прифаќаат – додаде тој. Според проценките, во индустријата останаа да работат околу 25.000 лица.
– Од 2010 година наваму, производството на облека постојано опаѓа, со намалување на бројот на работници и на извозот. После корона-кризата, падот се засили, а дополнително влијаат и проблемите во германската економија, како нашиот најголем партнер. Војната во Украина и енергетската криза предизвикаа пад на побарувачката за текстилни производи, што директно го погоди работењето на нашите конфекции – објасни Димитров.
Тој додава дека во моментов седниците на Економско-социјалниот совет се во мирување. Последната седница беше во август, а се очекува тие да продолжат по локалните избори, кога работодавачите ќе ги презентираат своите барања.