„ОТРУЕНО ДОСИЕ СО ГОДИНИ ФРЛА СЕНКА ВРЗ СОПРУЖНИЦИ И ВРЗ СЕМЕЈСТВА“ Наќе Чулев вели дека излегле на виделина причините за елиминација на професионални кадри од безбедносниот систем
Денес, кога е евидентно дека ресурсите на службите брутално се злоупотребувале за политички, бизнис и лични интереси, повторно апелирам дека е неопходно да има целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите, пишува Чулев.
Внатрешните истраги во Агенцијата за разузнавање и во Агенцијата за национална безбедност, како и известувањата поднесени до ОЈО за грубо кршење на законот од страна на раководители и вработени во нив, недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби, пишува Наќе Чулев, поранешен министер за внатрешни работи во објава на Фејсбук.
„Злоупотребата на државни ресурси за следење и прислушување на лидер на опозицијата и истакнати опозициски претставници, новинари, бизнисмени, обвинители, министер и кој ли уште не, не е изолиран инцидент и удар врз поединци, туку удар врз демократијата, слободата, владеењето на правото и довербата во институциите.
На виделина излегоа и причините за мојата професионална дискредитација, но и дискредитацијата на други колеги, незаконското следење, клевети и координирана манипулативна кампања со цел елиминација на професионални кадри од безбедносниот систем, само поради идеолошки разлики.
Уште од 2020 година, и покрај сите притисоци, измислени оперативни обработки и закани, во континуитет јавно предупредував и укажував на ризиците од незаконското постапување и злоупотребата на службите со цел демонизирање на опозицијата. Тука е и латентната колатерална штета, бидејќи манипулативните и лажни белешки не застануваат кај таргетираната личност, туку отруеното досие со години фрла сенка врз сопружници, браќа/сестри и деца – блокира работни места и сертификати, комплицира визи, работни дозволи и го лимитира пристапот до граѓански права, лепи стигма, го нарушува угледот и достоинството и на тој начин станува колективна казна.
Денес, кога е евидентно дека ресурсите на службите брутално се злоупотребувале за политички, бизнис и лични интереси, повторно апелирам дека е неопходно да има целосна истрага, декласификација на дел од фабрикуваните материјали и санкционирање на нарачателите и извршителите“, пишува Чулев.
Тој додава дека ова е битка, но и можност „да изградиме модерен, транспарентен и одговорен безбедносно-разузнавачки систем кој ќе ја штити државата и граѓаните, а нема да се користи за прогон на политички неистомисленици.“