ЕВРОПСКИОТ МОТОР ПОЧНА ДА ЗАРИБУВА Мерц посочи дека никој не треба да се лаже, германската економија е во длабока криза
Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека значителен дел од германската економија веќе ја губи конкурентноста, пред сè поради високите трошоци. Според него, иако квалитетот на производите останува висок и раководствата на компаниите се свесни за предизвиците, основните економски услови во земјата не биле доволно добри во последната деценија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц призна дека справувањето со економските предизвици се покажало како многу поголем товар од она што првично се очекувало, објави Стрејтс тајмс.
– Ова го велам и самокритично, задачата е поголема одошто некој можеше да замисли пред една година. Не сме само во период на економска слабост, туку сме во структурна криза на нашата економија – изјави Мерц во саботата за време на говор во градот Оснабрик, на северот на Германија.
Податоците, објавени во петокот, покажаа дека германската економија во вториот квартал се намалила повеќе од првичните проценки. Економската активност во Германија паднала за 0,3% во однос на претходните 3 месеци, што е за 0,2 процентни поени посилен пад од првичната проценка.
Обраќање до партиските членови
– Никој веќе не треба да има илузии за тоа колку се длабоки и далекусежни предизвиците со кои се соочуваме – порача Мерц пред членовите на својата партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во Долна Саксонија, покраина каде што се наоѓа седиштето на автомобилскиот производител „Фолксваген“.
Тој го посочи падот на добивката на „Фолксваген“ по оданочување од 36% во вториот квартал како само „една од многуте пораки“.
– Големи делови од нашата економија веќе не се конкурентни, а тоа е прашање на ценовна конкурентност. Квалитетот сè уште е добар и раководствата на компаниите ги препознаваат овие предизвици. Но, основните услови во Германија едноставно не беа доволно добри во последната деценија – предупреди Мерц, без да именува конкретни компании.
Американските царини се дополнителен товар
Откако ја презеде функцијата оваа година, Мерц вети сеопфатни реформи насочени кон намалување на бирократијата, модернизација на инфраструктурата и кон поттикнување на домашната побарувачка. Неговата влада планира стотици милијарди евра инвестиции во патишта, мостови и во вооружени сили за да ја зголеми продуктивноста.
Во саботата истакна нови даночни поттикнувања за деловни инвестиции и повтори дека се противи на зголемување на даноците за средните компании. Тој призна и дека американските царини од 15% на германскиот извоз ќе бидат товар за економијата, но предупреди дека отворена трговска војна со Вашингтон би била далеку полоша.
Огромна стагнација во германската економија
Германската економија влегува во период на забавување какво што не е забележано од финансиската криза наваму. Европската комисија прогнозира раст на БДП од само 0,7% за 2025 година, најниска стапка меѓу земјите на ЕУ. Од 2017 наваму, економијата пораснала за само 1,6%, додека просекот на ЕУ е 9,5%, објави во претходна анализа Атлантик кансл.
Индустриската база, некогаш столб на германското „економско чудо“, забрзано еродира. Производството во 2024 година е само 90% од нивото во 2015 година, додека, пак, Полска бележи раст на индустриското производство до 152% од 2015 година. Многу компании ги преместуваат своите капацитети во Централна и во Источна Европа, каде што трошоците се пониски, а бирократските бариери помали. Демографските притисоци – стареењето на населението и недостигот од работна сила – дополнително ја притискаат продуктивноста.
Според Европската комисија, јавните инвестиции изнесуваат само 2,8% од БДП, далеку под ЕУ просекот (3,6%) и многу помалку од Полска (5,1%) и Шведска (5,2%).
Кинеската конкуренција е огромен проблем
Она што долго време се сметаше за германска сила, дисциплина и прецизност, сѐ повеќе станува кочница за иновациите. Сложената регулаторна рамка и културната аверзија кон ризик прават бизнисите да се фокусираат на постепени подобрувања, наместо на трансформативни проекти. Пример за тоа е бавната реакција на германските производители во електричната револуција на автомобилите, додека, пак, кинеските конкуренти веќе стекнуваат глобална предност.
Германските компании остануваат заробени во модел на инкрементални подобрувања, додека новите индустрии бараат агилност и смелост.
Доминацијата на кинеските производители, како BYD и NIO, кои благодарение на стратегијата „Made in China 2025“ добиваат државни субвенции и имаат вертикално интегрирани синџири на снабдување, веќе го поткопува пазарното учество на германските гиганти „Фолскваген“, БМВ и „Мерцедес-Бенц“.
Податоците на Германската асоцијација на автомобилската индустрија (ВДА) покажуваат пад на производството на патнички автомобили од над 25% во периодот 2017–2023 година. Со оглед дека автомобилите се клучен германски извозен производ, ваквиот тренд носи сериозни ризици не само за Германија, туку и за целата ЕУ економија која е тесно врзана за германскиот извоз.
Не е сѐ толку мрачно
И покрај економската стагнација, не се сите показатели мрачни. Новите фискални мерки – ослободување од строгите правила на „кочницата на долгот“ за да се овозможат големи инвестиции во инфраструктура, зелена енергија и одбранбен сектор – претставуваат значаен повраток кон стимулативна економска политика. Во март 2025 година, парламентот го одобри формирањето на фонд од 500 милијарди евра за инфраструктурни и климатски инвестиции, како и посебно финансирање на одбранбени проекти над 1% од БДП без ограничување на долгот.
Според најновите проценки на економските аналитичари, можно е повторно враќање на растот веќе во 2025: Институтот Ифо прогнозира раст од околу 0,3% за 2025 година, а 2026 година се гледа како период на поинтензивен раст, поддржан од даночни олеснувања и инфраструктурни вложувања.
Ифо предвидува пораст од околу 0,3% оваа година и постојано закрепнување до 1,5% во 2026 година, водено од фискални стимулации и од намалена бирократија.
Сепак, не се сите задоволни, анкетите на Ифо покажуваат дека 42% од економските професори го оценуваат почетокот на мандатот на Мерц негативно, особено поради неуспешни реформи како што се пензиската политика и забавата на структурни промени.