📽️ ДОЖДОТ ГО СПАСИ ЈАСЕН По 10 дена битка, огнот е ставен под контрола, информира Ангелов

По повеќедневниот пожар во Јасен, врнежите помогнаа пламените јазици да бидат изгаснати – од ДЗС предупредуваат на нов ризик поради силниот ветер.

1,959

Дождот што утрово заврна на подрачјето на ловиштето Јасен придонесе за конечно гаснење на големиот шумски пожар кој траеше повеќе од десетина дена.

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, врнежите кои траеле повеќе од два часа овозможиле пламените јазици да бидат изгаснати, но на теренот сè уште има жешки точки.






– И покрај поголемата количина на дожд, на одредени делови од пожарната линија може да се забележи чадење. По кревањето на маглата и чадот ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз местата кои покажуваат знаци на горење. Теренот дополнително ќе биде пребаран со дронови со термални камери – изјави Ангелов.

Екипите на ЈП „Јасен“ и натаму ќе патролираат, сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат.

Во меѓувреме, дожд падна претежно во северните и северозападните делови на државата, додека источните, југоисточните, централните и југозападните делови останаа без врнежи.

Ангелов предупреди дека според прогнозите на УХМР, денеска се очекува силен ветер до 60 километри на час кој значително ќе го зголеми ризикот од нови пожари.

– Апелирам граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизвикаат пожар и да пријават секое сомнително однесување. Доколку забележат електрични жици кои се допираат или искрат, веднаш нека пријават во ЕВН или на бројот 112 – порача директорот на ДЗС.

Поврзани содржини