ВЕТО САМО ВО ФИНИШОТ, НЕ ВО ТЕКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ Предложената реформа на процесот на проширување на ЕУ може да биде решение и за проблемот на Македонија
Бугарија, како и секоја друга членка, би ја задржала можноста да го спречи конечниот прием на Македонија. Практичната корист од предложената промена на „правилата на играта" би била во намалувањето на можностите за блокирање на земјите аспиранти во текот на преговорите, со што реформите би добиле поголема тежина во одлучувањето за напредокот.
Европската комисија предлага отворањето на преговарачките кластери и други меѓучекори во пристапните преговори да се одобруваат со квалификувано мнозинство, што би ја намалило можноста една членка сама да го блокира напредувањето на земја кандидат. Ако биде прифатен, предлогот би можел да ѝ го олесни европскиот пат и на Македонија, која со години се соочува со пречки поврзани со билатерални спорови.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос го претстави пакетот „Подготовка за поширока Унија” на прес-конференција во Стразбур, во вторникот, на 6 октомври, по неговото усвојување од Европската комисија. Пакетот ги опфаќа предложените промени во одлучувањето за пристапните преговори, постепената интеграција на кандидатите и подготовката на институциите, политиките и буџетот на ЕУ за идните проширувања. Во него се разработува како институциите, политиките и буџетот на ЕУ да се подготват за нови членки, со посилни механизми за заштита на демократијата и владеењето на правото.
За Македонија, најзначајна е можноста одлуките во опфатените фази на преговорите да се носат без согласност од секоја членка поединечно. Тоа би го ограничило просторот за поединечни блокади, но напредувањето и натаму би зависело од исполнувањето на условите и од обезбедувањето на потребното мнозинство.
Комисијата засега предлага промена, а постојните правила остануваат во сила. Пакетот треба да послужи како основа за разговорите меѓу земјите членки за проширувањето и за реформите на Унијата. Неговото претставување не значи дека кандидатите веќе сега можат да отвораат кластери според нова постапка.
Уставните измени остануваат услов
Предлогот за поинакво гласање не ја отстранува обврската Македонија да ги спроведе договорените уставни измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, одржувањето на следната меѓувладина конференција е врзано за исполнувањето на таа обврска, која го опфаќа и внесувањето на Бугарите во Уставот.
Оттука, евентуалното прифаќање на мнозинско одлучување би можело да го олесни понатамошното движење низ преговорите, но само по себе не ги менува веќе утврдените услови. За Македонија останува потребата да ја надмине сегашната пречка и да ги исполни реформските барања за отворање на првиот кластер.
И конечниот прием во ЕУ останува зависен од согласноста на сите членки. Според членот 49 од Договорот за ЕУ, потребни се едногласност во Советот, согласност од Европскиот парламент и ратификација на пристапниот договор од сите договорни држави, според нивните уставни постапки.
Тоа значи дека Бугарија, како и секоја друга членка, би ја задржала можноста да го спречи конечниот прием на Македонија. Практичната корист од предложената промена би била во намалувањето на можностите за блокирање во текот на преговорите, со што реформите би добиле поголема тежина во одлучувањето за напредокот.
Придобивки од интеграцијата и пред членството
Комисијата предлага и поорганизирана постепена интеграција на кандидатите во одделни политики на ЕУ пред нивниот прием. Се посочуваат можности за подлабоко поврзување во енергетиката, транспортот, дигиталниот сектор и одбраната. Учеството би зависело од подготвеноста за конкретната политика и од стратегиската усогласеност со Унијата.
За Македонија ова отвора можност граѓаните и компаниите да добиваат одредени придобивки од европската интеграција додека преговорите сè уште траат. Таквиот пристап веќе е присутен во Планот за раст за Западен Балкан. Новиот пакет треба да го направи попредвидлив, при што придобивките би можеле да се повлечат ако условите престанат да се исполнуваат.
Посилни гаранции за идните членки
За периодот по приемот, Комисијата предлага посилни заштитни клаузули во идните пристапни договори. При сериозни прекршувања на основните вредности на ЕУ и на принципот на искрена соработка, мерките би можеле да опфатат и суспендирање на гласачките права. Одделно, се предлага можност нова членка временски ограничено да се обврзе да не блокира идни проширувања поради билатерални спорови.
Во пакетот се најавуваат и индикативни патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, под услов да го задржат реформскиот напредок. Македонија не е меѓу наведените земји. А дали ќе фати приклучок би можело да зависи и од исходот на новиот дипломатски обид за почеток на дијалог на релација Скопје – Софија.
По совет на Урсула фон дер Лајен, македонското МНР побара билатерална средба на Тимчо Муцунски со бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова, за која можност се отвора в четврток, на 8 октомври, на маргините на конференцијата за Коридорот 8 во Софија. Премиерот Христијан Мицкоски на 6 октомври изјави дека Скопје сè уште нема добиено официјален одговор и покажа мали очекувања: „Не очекувам потврда. Не очекувам ништо”. Тој предвиде само краток разговор „на коњопој”. Бугарското МНР, според медиумските извештаи, веќе ја најавило можноста за билатерална средба, но официјалната потврда до македонската страна, според премиерот, сè уште нема.