ЕУ ЗАСЕДАВА ЗА СОМНЕЖОТ ЗА ЧУМА ВО СИБИР Русија не го потврдува случајот, а СЗО проценува дека ризикот за Европа е низок
Светската здравствена организација во вторникот одржа брифинг во Женева за случајот и соопшти дека сè уште нема официјално потврдена причина за смртта на лабораториската работничка.
Европската комисија и земјите-членки на Европската Унија денеска на состанокот на Комитетот за здравствена безбедност ќе разговараат за сомнежите за појава на пневмонична чума во Сибир, по смртта на лабораториска работничка во Иркутск.
Темата е ставена на дневен ред на Комитетот, кој ги разгледува сериозните прекугранични закани по здравјето. Европските здравствени власти внимателно ја следат ситуацијата, иако засега нема потврдена појава на чума ниту докази за пренесување на болеста меѓу луѓето.
Светската здравствена организација во вторникот одржа брифинг во Женева за случајот и соопшти дека сè уште нема официјално потврдена причина за смртта на лабораториската работничка. СЗО е во контакт со руските здравствени власти и ги проверува околностите на случајот, направените лабораториски тестови и состојбата на лицата што биле во контакт со починатата.
Според првичната проценка на СЗО, ризикот е умерен до низок за Иркутската област, низок за Русија во целина и многу низок за европскиот регион. Од организацијата велат дека проценката ќе биде ажурирана доколку се појават нови информации.
Во меѓувреме, руските власти ја информирале СЗО дека во Иркутск нема потврдени случаи на чума. Тие соопштиле дека лицата кои биле во контакт со починатата се идентификувани и дека тестовите кај нив не покажале присуство на опасни заразни патогени.
И Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) соопшти дека сомнежот за појава на чума сè уште не е потврден и дека нема пријавени секундарни случаи или докази за континуирано пренесување од човек на човек. Според ЕЦДЦ, ризикот за ЕУ е низок, а болеста може ефикасно да се лекува со антибиотици.
Случајот предизвика претпазливост и во земјите од Централна Азија. Казахстан, Киргистан и Узбекистан ги засилија санитарните и епидемиолошките контроли, особено на границите, поради можноста за внесување на заразни болести од Русија. Мерките се превентивни и не значат дека во овие земји е регистрирана чума.
Сомнежите за чума се појавија откако 28-годишна лабораториска работничка во Иркутск почина на 2 октомври од тешка пневмонија со нејасно потекло. Таа работела во институт кој се занимава со патогени, меѓу кои и бактеријата што ја предизвикува чумата, по што руските власти ставија под медицински надзор околу 200 лица кои биле во контакт со неа.
Според светската платформа за мониторинг на чумата, во светот во моментов има еден смртен случај, 28 потврдени случаи, 189 суспектни кои се хоспитализирани и 200 лица под надзор.