📽️ ЅВЕЗДИТЕ ПОЛУДЕА ПО ПЕСНАТА НА СЛОВАЧКАТА ПЕЈАЧКА АДЕЛА Дуа Липа, Педро Паскал и Кристен Виг ѝ се придружија на Никол Кидман во хитот што го освои Тик-Ток
Дуа Липа, Педро Паскал, Кристен Виг и Никол Кидман снимија заедничко видео во кое синхронизирано ги пеат стиховите од песната на словачката пејачка Адела, посветена на Кидман, која стана вистински светски хит
Новата песна „Никол Кидман“ на словачката пејачка Адела стана еден од најпопуларните трендови на Тик-Ток, а сега во него се вклучија и некои од најпознатите холивудски и музички ѕвезди. Дуа Липа, Педро Паскал, Кристен Виг и самата Никол Кидман снимија заедничко видео во кое синхронизирано ги пеат стиховите од песната.
Видеото е снимено во Париз, пред ревијата на „Шанел“ за колекцијата пролет/лето 2027. Четворицата беа меѓу гостите на ревијата, а наместо вообичаените сериозни фотографии од првите редови, решија да се забавуваат пред камерата.
Кристен Виг го започнува видеото, потоа стихот го презема Педро Паскал, а Дуа Липа продолжува со својот дел. На крајот камерата се врти кон Никол Кидман, која вели „I feel like Nicole“ .
Песната ја напиша 22-годишната словачка пејачка Адела Јергова, позната едноставно како Адела. „Никол Кидман“ е дел од нејзиниот дебитантски албум „PRIMA“, објавен во септември, а за само неколку недели песната стана огромен хит на социјалните мрежи. Според актуелните податоци, звукот е искористен во милиони објави на Тик-Ток, а песната се искачи и меѓу најслушаните во светот.
Инспирацијата за песната Адела ја добила по гледањето на филмот „Eyes Wide Shut“ со Никол Кидман. Пејачката раскажала дека отсекогаш ја сакала актерката, но токму гледањето на филмот ја натерало да размислува за неа како симбол на холивудскиот гламур.
Подоцна, како што раскажува, Адела успеала да се протне на забава по повод доделувањето на „Златните глобуси“.
– Се прашував што правам таму бидејќи никогаш не сум глумела во филм, но некако успеав да се протнам. Ја имав таа фризура, носев корсет, градите ми беа истакнати и си помислив: Тоа е тој гламур! Тоа е Никол! Се чувствувам како Никол и токму за тоа се работи во песната – објаснила пејачката.
Никол Кидман, пак, не крие дека песната ѝ се допаѓа, дури открила и дека сака да оди на концерт на младата пејачка, а неодамна се приклучи и на Тик-Ток, каде што го искористи нејзиниот звук.
Видеото со неа, Дуа Липа, Педро Паскал и Кристен Виг, за кратко време привлече милиони прегледи.