ТАТКО И СИН НАПАДНАЛЕ ЛЕКАР И СЕСТРА ОД ИТНАТА ПОМОШ Барале итен транспорт на пациент кој испил антифриз

0

Лекар и медицинска сестра од Итната медицинска помош биле физички нападнати од татко и син во близина на поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. На инцидентот му претходела расправија околу транспорт на повозрасен пациент, кој боледувал од онколошка болест и наводно испил антифриз неколку часа претходно, со намера да си го одземе животот.

Инцидентот се случил во саботата, 21 ноември, околу 17 часот, а според информациите на порталот „Журнал“, двајцата здравствени работници добиле телесни повреди и завршиле во болница.






Како што пренесува порталот, повозрасниот маж имал дијагностицирано онколошко заболување, а неколку часа пред инцидентот наводно испил антифриз, исклучително токсична супстанција која може да предизвика смртоносно труење. Поради загриженост за неговата здравствена состојба, семејството побарало итна медицинска интервенција.

Според неофицијалните информации, синот му пришол на лекарот од Итната медицинска помош и побарал неговиот татко веднаш да биде пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Тој првично му објаснил дека пациентот се наоѓа во автомобил, но кога лекарот пристапил до возилото, во него немало никого. Повозрасниот маж во тој момент стоел на нозе покрај својот син.

Лекарот, според истиот извор, проценил дека пациентот во тој момент не покажувал видливи знаци на сериозно влошена здравствена состојба. На синот му објаснил дека за транспорт со амбулантното возило треба да добие насоки од надлежниот центар за координација на Итната медицинска помош, особено бидејќи екипата имала и други интервенции на чекање.

Му било посочено дека може да го пренесе таткото со сопствено возило или да се обрати до центарот за Итна медицинска помош за организирање соодветен транспорт. Синот, меѓутоа, продолжил да инсистира пациентот веднаш да биде преземен со амбулантното возило.

Расправијата наводно прераснала во физички напад, при што таткото и синот ги нападнале лекарот и медицинската сестра. Двајцата здравствени работници се здобиле со повреди, поради што им била укажана медицинска помош во болница.

Случајот предизвика реакција од Лекарската комора, која најостро го осуди насилството врз здравствените работници додека ги извршуваат своите професионални задачи.

Од Комората бараат Министерството за внатрешни работи и надлежните правосудни органи итно да го расчистат случајот и сторителите да бидат соодветно санкционирани. Потсетуваат дека нападот врз здравствен работник при вршење на професионалната дејност се третира како кривично дело, за кое е предвидена затворска казна до пет години.

„Недозволиво е докторите и медицинскиот персонал да бидат изложени на физичко и вербално насилство и да работат во услови на загрозена безбедност“, наведуваат од Лекарската комора.

Оттаму најавуваат целосна правна и психолошка поддршка за повредените колеги и повикуваат на дополнителни мерки за поголема безбедност на здравствените работници на нивните работни места.

Поврзани содржини