„МИЦКОСКИ ПОСТАПИ ЧОВЕЧКИ, НЕ ПРАВЕТЕ ОД ТОА ПОЛИТИКА“ Премиерот запалил свеќа на гробовите на загинатите во трагедијата во Кочани

„Болката е наша, а гестот беше човечки“, прокоментира таткото на еден од загинатите, повикувајќи да не се злоупотребува овој тивок и достоинствен чин.

4,532

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги посети гробиштата во Кочани каде се погребани дел од жртвите на пожарот во дискотеката „Пулс“, запали свеќи и им изрази сочуство на родителите.

Посетата на гробиштата беше приватна, за неа нема официјално соопштение од Владата. Мицкоски денеска службено беше во Кочани, каде присуствуваше на отварање на нова хала на компанијата „Амфенол“.






Татко на една од загинатите девојки, Тошо Антов, на својот профил на Фејсбук објави за посетата на премиерот на гробиштата во Кочани.

„Разбрав дека денеска премиерот бил на гробиштата во Кочани и запалил свеќа на гробовите на нашите ангели. Само тивок и достоинствен чин. За нас родителите, секој кој ќе застане со почит пред болката што ја носиме е пред сè, човек. Денес така го доживеав и премиерот, како човек. Ве молам, не ја злоупотребувајте оваа болка за политика и дневни поени. Болката е наша, а гестот беше човечки. Тоа е доволно“, напиша Тошо Антов, татко на трагично загинатата Ивона Антова.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа 62 лица, претежно млади.

 

Фото: Принтскрин

 

 

Поврзани содржини