„Ден на плодноста“ наместо бела чума

Воведување на „Ден на плодноста“ не може да претставува ефикасна вакцина против белата чума, но би можело барем малку да внесе позитивен дух во вербата во посветла иднина, која, без деца, всушност, може да понуди само темни нијанси.

132

За една деценија во Македонија е регистриран пад на новородени деца од околу 30 проценти. Во исто време за 17 проценти е намален бројот на новосклучени бракови. Негативниот прираст ги празни градинките и училиштата, а таквиот тренд од година во година се засилува со иселувањето на населението кое во целата држава оди по нагорна линија.

Белата чума незапирливо го зема својот данок. Не само во Македонија, туку ја тресе цела Европа. Во Албанија во вториот квартал од годинава бројот на новороденчиња е намален за 7,4 отсто, во споредба со истиот квартал минатата година. Падот на стапката на наталитет води кон постаро население во земјата и помалку млади луѓе кои влегуваат на пазарот на трудот. Поради оваа причина, албанската влада подготвила нацрт-закон за поддршка на млади брачни парови, со кој, од јануари следната година, се предвидува месечен финансиски надоместок за деца до петгодишна возраст.






Вакви и слични предлози за стимулација на демографскиот прираст, чии ефекти обично покажуваат скромни резултати, се воведуваат во голем број европски земји. Негативните трендови на континуиран пад на новородени деца не запираат.

Во Шведска се очекува затворање на околу 1.000 градинки, околу 10 проценти од предшколските установи во државата, до 2027 година. Изградбата и отворањето на нови граднки било димензионирано според прогнозите за годишен пораст на населението меѓу 25.000 и 30.000 лица, но лани порастот на населението во Шведска изнесувал само околу 3.000 луѓе.

Според демографските анализи, повисоката просечна возраст на мајките што раѓаат првпат се чини дека е важно објаснување за ваквиот развој во Шведска, но и во другите скандинавски земји. Мажите и жените сè повеќе го одложуваат или се воздржуваат од родителството. Новосклучените бракови се исто така западнати во сивата зона на опаѓање.

Финска има најниска стапка на наталитет во Скандинавија. Конкретни последици од таквиот развој се чувствуваат преку интензивирањето на општествената дебата околу намалувањето на детски групи и затворање на училиштата. Проекциите се базираат врз претпоставеното постепено намалување на населението во Финска од 2034 година.

Општо земено, предизвиците поврзани со раѓањето деца и родителството се поврзани со економијата, но и со тешкотиите новосклучените бракови да се одржат на подолг период.

Финската влада неодмна предложи воведување бонус од 30.000 евра за мајки под 30-годишна возраст, кои раѓаат за прв пат. Владата планира и нови мерки насочени против дискриминацијата на бремените жени, посебно на пазарот на трудот. Направени се повеќе истражувања кои покажуваат дека Финците сакаат да имаат повеќе деца од она што се смета за вообичаен просек на ниво на традиционалните фински семејства.

Стапката на наталитет е ниска и во Италија. Населението континуирано се намалува од 2014 година, од над 60 милиони на 58,9 милиони. Како и во многу други европски земји, многумина во Италија сметаат дека поради нестабилната економија е премногу скапо да имаат деца. 25 проценти од населението во Италија моментно е над 65 години.

Премиерката Мелони, меѓу другото, назначи посебна министерска функција за справување со ниската стапка на наталитет, вклучувајќи во тие рамки финансиски субвенции и продолжено родителско отсуство. Посебно е интересно дека во Италија е воведен и годишен „Ден на плодноста“, кога надлежните иснтитуции даваат информации за плодноста преку разни семинари и предавања низ целата земја.

Амбициите се очигледно големи. Но колку тоа навистина може да ја заузда белата чума, е тешко да се прогнозира додека мерките, без оглед како се дизајнирани, навистина не направат пресврт со барем минимални позитивни знаци на демографско заздравување.

Во Унгарија во текот на 2000-тите години беа постигнати извесни успеси во запирањето на ниските бројки на новородени деца, но стапката на наталитетот сега почна да опаѓа и таму. Премиерот Виктор Орбан воведе обемни реформи, чие спроведување, според разни студии, донесе големи позитивни економски придобивки за оние кои имаат многу деца.

Меѓу другото, тие вклучуваа силно субвенционирани кредити, даночни олеснувања, дополнителни денови за одмор и бесплатно ин витро оплодување. Меѓу другото, воведени се субвенции за купување автомобили со седум седишта. Но, како што покажуваат истражувањата во оваа област, големите субвенции не беа одржливи на долг рок, така што сега се чини дека великодушната унгарска политика за деца сепак не доведе до голем бејби бум. Статистичките податоци јасно зборуваат дека во последните две години, бројот на раѓања во Унгарија повторно почна да опаѓа, пред сѐ, поради високите трошоци за живот и нестабилната економија.

Последиците за ЕУ поради демографскиот пад се драматични. Според Евростат, се очекува населението на ЕУ, кое старее, да се намали на околу 420 милиони до почетокот на наредниот век, а што е помалку од една дваесеттина од светската популација. Економиите ќе ја изгубат развојната сила. Речиси ниту еден пензиски систем во Европа во такви услови нема да може да преживее. Токму затоа, неизбежна последица е големата потреба во рамки на целата ЕУ од имиграција на работна сила.

Експертите предупредуваат дека овие предизвици би требало час поскоро да имаат важно место на агендата на ЕУ, дури и ако тоа не е приоритено прашање за Унијата во овој миг. Европскиот совет веќе усвои заклучоци што ја нагласуваат важноста на ова прашање. Европската комисија беше повикана да развие пакет алатки за справување со „демографските предизвици, а особено во однос на ефектите врз конкурентноста на Европа“.

Прашањето за демографијата, исто како и предизвиците поврзани со климатските промени, е несомнено едно од големите прашања на актуелниот глобален миг. Но, разни примери за примена на реформски мерки за поттикнување на наталитетот не резултираат со ефекти кои би потврдиле на јасен начин дека негативниот развојот може да се „поправи“. Позитивен пресврт е секако можен и неопходен, но ниту една земја не го покажала вистинскиот пат. Фактот дека дури и богатите, високоразвиени скандинавски земји, со нивните разгранети политики за социјална помош и бенефиции се соочуваат со толку големи предизвици во запирањето на сопствената депопулација, доволно јасно зборува за обемот на овој глобален проблем.

Зошто млади луѓе денес, пред сѐ, кога се во прашање млади жени, во најдобар случај сакаат да имаат малку деца? Тоа е едно од прашањата кое се поставува во скандинавската дебата. Лесно е да се посочат конкретни проблеми, како што се недостиг на станови, војните и нарушените меѓународни односи, климатските проблеми и катастрофи, но во основа објаснувањата што се нудат се сведуваат главно на хипотези.

Истото прашање, се разбира, не може да ја заобиколи и дебатата поврзана со демографската реалност на Балканот, и во Македонија. Воведување на „Ден на плодноста“ не може да претставува ефикасна вакцина против белата чума, но би можело барем малку да внесе позитивен дух во вербата во посветла иднина, која, без деца, всушност, може да понуди само темни нијанси.

Поврзани содржини