МОНАСИТЕ ГЛУМАТ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ЗА ДА ИМ ТЕЧЕ СТАЖ Се молат за здравје за да не молат за донации

Додека свештениците барем формално имаат статус во системот, монасите на МПЦ-ОА живеат во институционална празнина – без пензиско, без плата, без правна заштита. Сами си плаќаат придонеси, ако можат, а кога ќе се разболат – зависат од донации и од милост на поединци. Тие не се бунат, не бараат, не протестираат, ама тоа не значи дека не страдаат и дека оваа ситуација не треба да се реши.

1,878

Во манастирите ширум земјава, далеку од очите на јавноста, живеат православни монаси за кои никој ништо не знае како и од што живеат.

Додека јавноста неретко ги романтизира како луѓе кои доброволно се откажале од сè световно, реалноста е далеку посурова: тие се социјално невидливи, финансиски незаштитени и често препуштени сами на себе.






„Живееме како сенки“, ни рече еден од нив, со глас мирен, но со поглед полн со наталожена грижа.

– Треба да се издржуваме од манастирите, ама тоа е релативно. Каде има приходи е добро, а каде нема – мора да се снаоѓаме. Мора да има некаква економија за да се преживее. Државата има графа само за свештеници, не посебно за монаси… – ни раскажа монах кој инсистираше на анонимност.

Невидливи за системот

Според сведочењата на неколку монаси во различни епархии, државниот систем не препознава посебен статус за монасите.

Иако тие се дел од монашките редови во рамки на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во правна и во социјална смисла многумина се заведени како „невработени лица“, без пензиско, а со основно здравствено осигурување, добиено благодарение на законска измена донесена пред повеќе од една деценија.

– Некои си плаќаат сами придонеси и тие се заведени како свештеници или како земјоделци. Некои немаат ништо – раскажува нашиот соговорник.

Живот на донации

Монасите живеат скромно, често во рурални предели каде што не постојат ниту најосновни здравствени услуги. Секој посериозен здравствен проблем станува борба – не само за живот, туку и за пари.

– Ако треба да се лекуваме приватно или ако е потребна некоја поскапа интервенција или терапија, а манастирот нема доволно пари, мора да се бараат донации од епархијата или од народот. Понекогаш и тоа не стасува… – објаснува тој.

Иако манастирите понекогаш имаат сопствени извори на приходи – преку продажба на мед, икони, книги или одржување работилници – тие средства не се секогаш доволни, ниту распределени на начин што гарантира основна сигурност за сите монаси.

Молк од институциите

За разлика од свештениците кои во повеќето случаи се заведени како трговци-поединци и имаат регулиран пензиски и здравствен статус, монасите остануваат во сивата зона на системот. Нивниот статус не е прецизно уреден ниту со црковните, ниту со државните механизми.

Правни експерти предупредуваат дека недефинираноста на статусот на монасите отвора ризик од социјална исклученост. Државата, велат тие, треба итно да воспостави јасни и фер правила, соодветни на животот и на мисијата на овие луѓе.

Монасите не протестираат. Не излегуваат на улица. Нивниот животен повик ги учи на тишина и на смирение. Но, токму затоа што тие нема да излезат на штрајк, не значи дека нивниот статус треба да биде игнориран.

МПЦ-ОА, како институција, има историска и морална обврска да иницира решенија пред државата – било преку посебна законска регулација, било преку фондови за поддршка на монашките заедници.

Во спротивно, ризикуваме една од најпосветените форми на духовен живот да се претвори во живот на маргина.

Епархија за пример

Во време кога темата за нерегулираниот статус на монасите и на другите црковни службеници сè повеќе се отвора во јавноста, една епархија во рамки на МПЦ-ОА се издвојува како исклучок што заслужува внимание: Кумановско-осоговската епархија.

Владика Јосиф: Не дозволуваме да има луѓе кои „волонтираат“ со години, а всушност работат полно работно време.

Според поранешниот митрополит на оваа епархија, г. Јосиф, таму сите – од највисок клирик до продавач на свеќи – се уредно пријавени, со платени придонеси и со целосна социјална и здравствена заштита.

– Кај нас нема сиви зони. Секој свештеник, секој монах, секој ѓакон и секој продавач на свеќи е вработен и е осигуран. Им тече стаж, имаат пензиско, имаат здравствено – вели владиката Јосиф, кој и по заминувањето од активна служба и понатаму останува активен во црковната заедница и во јавните дебати.

Според него, прашањето за социјалната сигурност на црковниот кадар не е само техничка или финансиска работа, туку морална, организациска и суштинска.

– Не може духовен човек да биде оставен без здравствено осигурување, без пензиско, без чувство на сигурност. Колку и да звучи како „материјализам“, ова е прашање на човечко достоинство и институционална одговорност. Не дозволуваме да има луѓе кои „волонтираат“ со години, а всушност работат полно работно време. Или свештеници што живеат од обреди, без договор, без основа за живот. Сè е прашање на волја, организација и свесност за тоа дека зад црковната мисија стојат луѓе кои имаат семејства, здравствени потреби, иднина – вели г. Јосиф.

Снајди се, па живеј!

Епископот крушевско-демирхисарски г. Јован во разговор за Плусинфо вели дека и тој самиот како архијереј не добива плата затоа што епархијата нема доволно пари.

Дел од монасите се заведуваат како земјоделци, други се заведуваат како свештеници, само за да не бидат во ситуација да останат без право на пензија

Епископ Јован

– Откако сум замонашен немам ни еден ден стаж. За среќа, црквата им плаќа на монасите основно здравствено осигурување. Ова е долгогодишен и голем проблем кој мора брзо да се реши. Станува збор за луѓе кои едноставно се невидливи за системот. Јас неколку пати сум се обидел да ја отворам темата и да иницирам решавање на проблемот, но за жал, секогаш сум добивал еден ист одговор дека црквата нема доволно пари. А како да живеат монасите? Како да се чувствуваат сигурно и безбедно? Секој се снаоѓа како што знае и умее. Дел од монасите се заведуваат како земјоделци, други се заведуваат како свештеници, трети како вработени административци во епархијата, и сето тоа само за да не бидат во ситуација да останат без право на пензија – објаснува г. Јован.

 

Продолжува утре: ЕВАНГЕЛИСТИТЕ СЕ ВОДАТ КАКО АДМИНИСТРАТОРИ, КАТОЛИЦИТЕ НИКАКО Овие луѓе само Господ ги чува!

 

СЕКОЈ ПОП ВО СВОЈА ФИРМА СЕ КРСТИ Вработени во името на Бога, но не и по земските закони

Поврзани содржини