ОБИД ЗА УБИСТВО ВО СТРУГА СРЕДЕ БЕЛ ДЕН Им го блокирале патот и ги нападнале со нож
Според информациите од Обвинителството, првоосомничениот се товари за обид за убиство и за насилство, додека второосомничениот е обвинет дека му помогнал во извршувањето на делото.
Основното јавно обвинителство Струга отвори истражна постапка против две лица осомничени за тежок инцидент што се случил на 2 август, при што едно лице завршило со тешки телесни повреди од убод со нож.
Според информациите од Обвинителството, првоосомничениот се товари за обид за убиство и за насилство, додека второосомничениот е обвинет дека му помогнал во извршувањето на делото.
Случајот, како што соопштија надлежните, се случил поради претходно нарушени односи меѓу осомничените и жртвата. Второосомничениот, управувајќи со БМВ Х6, намерно го попречил патот на автомобил марка „Фолксваген Голф 7“, во кој се наоѓале оштетениот и уште едно лице. Двајцата осомничени потоа излегле од возилото и започнале физички напад, удирајќи ги со тупаници.
Во кулминацијата на нападот, првоосомничениот извадил нож и му задал повеќе убодни рани на оштетениот – во пределот на стомакот, надлактицата и во вратот, предизвикувајќи му тешки телесни повреди. Сето тоа се случувало додека второосомничениот гласно го поттикнувал да го доврши делото.
Инцидентот не завршил тука. Кога второто лице од возилото се обидело да ги спречи напаѓачите, првоосомничениот го нападнал и него, нанесувајќи му повреда со нож на раката. Со овој чин, според обвинителството, била предизвикана сериозна вознемиреност и чувство на страв кај присутните.
Јавниот обвинител поднесе предлог до судија на претходна постапка при Основниот суд во Струга за определување мерка притвор за двајцата осомничени, со цел да се спречи можноста за бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото.