ШКЕНДИЈА ЈА ПОБЕДИ СТЕАУА СРЕДЕ БУКУРЕШТ Македонскиот шампион обезбеди европска есен

2,196

Шкендија го совлада романскиот шампион Стеауа (ФЦСБ) среде Букурешт со 2:1, со што го потврди триумфот од првиот натпревар во Скопје (1:0) и се пласира во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.

Фудбалерите на македонскиот шампион покажаа тактичка и играчка зрелост на теренот на националниот стадион на Романија, справувајќи се со фаворизираниот противник.






Првата потврда за таквиот квалитет, тетовските „црвено-црни“ ја покажаа во првото полувреме. Водството на Романците во 28. минута, со кое двомечот беше израмнет, не ја разниша стабилноста и концентрацијата на Шкендија. Веќе по само пет минути, Лиридон Латифи постигна гол и го врати резултатот на почеток.

Во второто полувреме, Шкендија одигра мудро и дисциплинирано во дефанзива. Им ја препушти топката и поголемиот дел од теренот на противниците, но вешто ги затвораше сите приоди кон голот. Играчите на Стеауа беа принудени да кружат пред и околу шеснаесетникот и да се обидуваат со удари од далечина. Само еднаш, по нафрлување во петерецот, Романците беа опасни, но голманот на Шкендија, Бабукар Гаје, го одбрани ударот со глава.

Со одминувањето на времето, концентрацијата и енергијата на Стеауа опаѓаа, а Шкендија го искористи тоа за почести и поопасни контранапади.

Во една таква акција, најискусниот фудбалер Бесарт Ибраими во 80. минута ја пропушти шансата да стави точка – сосема сам од пеналтикот биеше над голот, иако голманот на Стеауа веќе беше паднат. Но, она што не му успе на Ибраими, му појде од нога на младиот Ване Крстевски. Тој шутираше од 17-18 метри, топката се одби од еден од одбранбените играчи на Стеауа, доби параболичен лак, го префрли голманот и заврши во мрежата.

Тоа беше знак за голема радост кај фудбалерите и стручниот штаб на Шкендија, но и знак за очај кај домашните играчи. Се обидоа да извршат завршен притисок во обид барем нешто да направат, но дополнителните шест минути судиско надополнување само ја продолжија нивната агонија.

Поврзани содржини