ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА ЗА ОБВИНИТЕЛКАТА-ЧУДОТВОРКА ОД ШТИП Татјана Кацарова под лупа за незаконито постапување
Почнува конечното преиспитување на скандалозното постапување на обвинителката од Штип која ја шокираше јавноста со клонирани сведоци, времепловни вештачења и флагрантно кршење на правата на осомничените.
Скандалозната штипска обвинителка Татјана Кацарова, позната по истраги со „клонирани сведоци“ и прекршување на основните права на осомничени, конечно е предмет на дисциплинска постапка. Вишиот јавен обвинител од Штип поднел официјален предлог за нејзино санкционирање, поради сериозни повреди на законот и злоупотреба на службената положба – обвинувања кои досега беа игнорирани, и покрај судски утврдени незаконитости.
Во правосудните кругови, нејзиното име одамна е синоним за скандал, но и за недопирливост. Иако нејзините постапки веќе неколку пати беа јавно и правно оспорени – од фалсификати и повреда на права, до „патентирање“ на клонирани сведоци – сè до сега, никој институционално не се осмели да ја повика на одговорност.
Овој пат, иницијативата за дисциплинска одговорност доаѓа по серија шокантни наоди во предметот против осомничениот М.Н. од Штип, кого Кацарова го држела во притвор над 70 дена – иако, според доказите, случајот требало да биде завршен за помалку од 8 дена. Имено, со судско вештачење било утврдено дека оштетениот не се здобил со тешки телесни повреди, туку со полесна форма, што според законот бара скратена постапка. Наместо тоа, осомничениот останал зад решетки над два месеца и тоа без увид на бранителите во предметот, без известување за клучни дејства и без пристап до вештачења.
Фалсификати, временски парадокси и судска потврда за незаконитост
Судијката Јулијана Недкова од Основниот суд во Штип, постапувајќи по жалба од скопскиот адвокат Стеван Павлевски, детално утврдила дека обвинителката Кацарова прекршила низа членови од Законот за кривична постапка.
Според судското решение од 16 јуни 2025 година, таа не само што спречила увид во предметот, туку и доставувала наредби за вештачење датирани по денот кога вештачењето веќе било готово – што логично води до прашањето: дали располага со временска машина?
Дополнително, во предметот недостигаат потврди за доставување на наредбата до вештото лице, нема приемни печати, ниту докази кога вештачењето било вратено во обвинителството. Судот заклучил дека вештачењето е незаконито, а постапувањето на обвинителката е длабоко проблематично.
Кацарова и Хајрулахи: судир што ја разобличи системската заштита
Ова не е прво дисциплинско барање за Татјана Кацарова. Таа веќе беше мета на жестоки критики поради своето сомнително постапување во предметот против суспендираниот виш јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, каде успеала – или со фалсификат или со клонирање – да испита четири различни сведоци во ист момент.
Кацарова, според бројни извори, ужива заштита од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Тој, како и вишиот обвинител Ристо Бојаџиски, до ден-денес не презема јавно видлива акција за контролирање на нејзината работа – и покрај поднесените претставки, барања за надзор и судски решенија кои укажуваат на флагрантна незаконитост.
Судот зборува, институциите молчат
Иако судското решение од Штип е јасно, реакцијата од системот е алармантно тивка. Адвокатот Стеван Павлевски, поранешен јавен обвинител, преку неспорни правни аргументи успеал да ја убеди судијата да утврди незаконитост. Но ниту ова не е доволно, кога се работи за обвинител под „чадорот“ на политичка или лична заштита.
Суспендираниот обвинител Хајрулахи, кој веќе подолго време води правна битка со Кацарова, и неговиот колега Јово Цветановски, се очигледно неугодни личности за актуелниот врв на Јавното обвинителство. Тие, како што јавноста памети, беа директно вмешани во истрагите околу бонусите на СЈО – предмет што отвори многу рани во правосудниот систем.
Прашањето што сега логично се наметнува е: ќе постапува ли републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски согласно своите надлежности, ќе ја суспендира ли обвинителката Кацарова и ќе ја изземе од предметот што е предмет на дисциплинска постапка?
Или и овој случај ќе остане како многу други – потиснат, релативизиран и заборавен? Во систем во кој судот утврдува незаконитост, а институциите молчат, тешко е да се верува дека правдата е достапна за сите. Ако не важи законот за обвинителите, тогаш зошто би важел за обичните граѓани?