ЕВРОПСКА НОЌ НА ТАМБА И АДЕМИ Шкендија го сруши ТНС, следува Стеауа

Тетовци славеа со 2:1 по продолженија – Тамба и Адеми јунаци на вечерта, следува мегдан со романскиот првак СБ (поранешна Стеауа).

1,204

Екипата на Шкендија успеа со голема борба и доза на драма да се пласира во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите, совладувајќи го велшкиот ТНС со 2:1 по продолженија, откако регуларниот дел заврши 1:1.

Натпреварот на националната арена во Скопје започна енергично од страна на Шкендија. Домашните уште во почетните минути ја погодија стативата, а создадоа и неколку опасни ситуации пред голот на Натан Шепард. Првиот погодок падна во 19 минута, кога капитенот Бесарт Ибраими маестрално асистираше, а Фабрис Тамба ја смести топката во мрежата на гостите.






Гостите од Велс возвратија во 38 минута, кога Џордан Вилијамс го искористи одбиениот удар и погоди за 1:1. Тоа беше и резултатот со кој се замина на одмор.

Вториот дел донесе возбудувања во самиот финиш. Во 83 минута судијата Сајат Карабајев од Казахстан досуди пенал за Шкендија, но по ВАР преглед ситуацијата беше поништена поради офсајд. Во последните моменти на регуларното време Тамба повторно се најде во шанса, но голманот Шепард одлично интервенираше и резултатот остана непроменет – 1:1.

Во продолженијата, тетовци притиснаа со сите сили. Клучниот момент се случи во 116 минута кога по ударот на Ибраими, топката беше одбиена од Шепард, а Фитон Адеми нафрли, па несреќно Џек Боденхам ја смести во сопствената мрежа за конечни 2:1.

Со оваа победа, Шкендија го продолжува својот европски сон и во следната рунда ќе се сретне со романскиот шампион СБ (поранешна Стеауа).

Поврзани содржини