📷 НАКОЛНАТА НАСЕЛБА БЕШЕ ЗАПУШТЕНА, СЕГА ПОВТОРНО БЛЕСКА Ќе има уште инвестиции за развојот на туризмот во Охрид
Оваа населба заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите. Кога имаме една ваква енергија којашто се обединува помеѓу локалната и централната власт тогаш резултатите и успехот се неизоставени, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министрите за култура и туризам, Зоран Љутков и за транспорт Александар Николоски, како и со градоначлникот на Охрид, Кирил Пецаков и со пратеници во Собранието денеска ја промовираа реконстукцијата на Музејот на вода во Охрид, заедно со наколната населба во Заливот на коските кај Градиште на брегот на Охридското Езеро.
Станува збор за обемен градежен зафат за целосна реставрација на локалитетот, кој е еден од најдоходовните објекти од тој вид во Охрид и во Македонија.
Обновени се палафитната населба, изложбениот простор во музејот, санитарните јазли, осветлувањето, вентилацијата, а ќе се спроведе и наводнување на локалитетот, за што веќе е избран изведувач.

Премиерот Мицкоски истакна дека очекува со консолидирањето на состојбите во земјата да се зголемат и инвестициите во културата.
– Неслучајно секторот туризам го додадовме до Министерството на култура и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според спроведените истражувања, најголемиот дел од посетителите, односно туристите, ја посетуваат Македонија поради богатото културно наследство. Овој објект овде, оваа населба заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите – рече тој.
Мицкоски истакна дека добрата соработка на релација локална и централна власт неминовно дава резултати.
– Тука не застануваме со инвестиции, продолжуваме и понатаму. Им честитам и на останатите коишто беа вклучени во поддршката на реализацијата на овој проект, министерот, градоначалникот, сите останати кои што помогнаа. Тука е и министерот за транспорт и потпретседател на Владата, кој што силно е фокусиран во делот на подобрување на инфраструктурата во Охрид и околината, пратениците во Собранието коишто жестоко се борат за проект повеќе за Охрид. Така што, кога имаме една ваква енергија којашто се обединува помеѓу локалната и централната Влада тогаш резултатите и успехот се неизоставени – рече премиерот Мицкоски.
Министерот за култура Љутков посочи на ситуацијата што ја затекнал на овој локалитет кога стапи на функцијата. Рече дека затекнал девастирана институција, неодржуван и запуштен локалитет, што е недозволиво за таква туристичка атракција.
– Веднаш презедовме мерки, направивме план што треба да се направи за овој музејски комплекс… Се потрошија 15 милиони денари и уште ќе се издвојуваат средства за еден доходовен комплекс како што е Музејот на вода. Во наредниот период ќе инвестираме и во други содржини во Охрид. Како што гледам и патната инфраструктура е доста подобрена, се подобруваат условите и ќе продолжиме со исто темпо и натаму – рече Љутков.

Градоначалникот на Охрид, Пецаков рече дека изминатите триесеттина дена во Охрид се бележат повеќе важни настани директно поврзани со инфраструктурниот развој, но и на инфраструктурата поврзана со туризмот.
– Ова е само почеток и преку соработка на локалната самоуправа со централната власт очекувајте уште многу вложувања во наредниот период – рече Пецаков.
Реконструкцијата на локалитетот Музеј на вода – Залив на коските е реализирана со пари што се обезбедени од НУ „Завод и музеј – Охрид“, како дел од пошироката стратегија за поддршка на културното наследство и развој на туризмот во Охрид.

Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање изрази задоволство од растот н бројот на туристи во Македонија.
– Јас сум исклучително задоволен од бројките во првите 5 месеци од годината. Државниот завод за статистика вчера објави бројки, според кои во мај оваа година споредено со мај минатата година има повеќе од 22% туристи и повеќе од 15% ноќевања. Ако се гледа периодот од јануари до мај, во првите 5 месеци од годината имаме за 16 % повеќе туристи и отприлика за 12 % повеќе остварени ноќевања. Тоа преставува добар мотив за сите нас да продолжиме во таа насока – рече Мицкоски.