НОВ ИНЦИДЕНТ СО НАСТРЕШНИЦА ВО СРБИЈА Урнат дел сѐ уште виси над главите на минувачите во Белград
Сцената на местото е вознемирувачка, делови од таванот се распрскани по шеталиштето, додека дел од оштетената настрешница и понатаму виси опасно над тротоарот.
Драматичен инцидент го потресе центарот на Белград, каде во текот на ноќта се урна таванот на натстрешница пред продавница за парфеми. Според изјавите на очевидци, во текот на денот сè изгледало стабилно, но утрово граѓаните ги пречекала глетка на распаднат таван и делови што висат над главите на минувачите.
Жена која работи во продавницата за парфеми изјавила за српската телевизија Н1 дека пред да замине од работа вечерта, ништо не укажувало на можно оштетување.
– Сè беше во ред до крајот на работното време. Утрово не можев да поверувам кога видов што се случило – изјавила таа.
Сцената на местото е вознемирувачка, делови од таванот се распрскани по шеталиштето, додека дел од оштетената настрешница и понатаму виси опасно над тротоарот. Како мерка на претпазливост, надлежните поставија црвени ленти со натпис „внимание, опасност“, со што овој дел од улицата е целосно затворен за движење на пешаците.
Локалните власти не даваат детали за причините за падот, но предупредуваат граѓаните да бидат внимателни при движење низ стари делови на градот, особено кај згради со дотраени фасади.
Се очекува тимови за градба и инспекција наскоро да ја проценат безбедноста на објектот и да отпочнат со отстранување на преостанатите опасни делови. Граѓаните, пак, апелираат до општинските служби за поголема контрола и санација на старите објекти низ Белград, пред да се случи некоја посериозна трагедија.