ИЗРАЕЛ БОМБАРДИРАШЕ КАФУЛЕ И УЧИЛИШТА ВО ГАЗА, ЗАГИНАА 60 ЛУЃЕ Меѓу убиените има новинар, деца и жени

Експлозиите не престануваа; бомбардираа училишта и домови. Се чувствуваше како земјотрес. На вестите слушаме дека примирјето е блиску, на теренот гледаме смрт и слушаме експлозии, рече 60-годишниот Салах, татко на 5 деца, од градот Газа.

195

Израелските напади убија најмалку 60 лица низ Газа во понеделникот, во некои од најжестоките напади во последниве недели, додека израелски официјални лица биле на пат за Вашингтон на нова иницијатива за примирје од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.

Ден по повикот на Трамп да „се постигне договор за Газа, да се вратат заложниците“, израелскиот министер за стратешки прашања, Рон Дермер, близок соработник на премиерот Бенјамин Нетанјаху, отпатува за Вашингтон на разговори за Иран и за Газа, според израелски официјален претставник и според извор запознаен со прашањето.






Се очекуваше Дермер да започне состаноци со претставници на администрацијата на Трамп во вторник, изјави извор во Вашингтон.

Но, на теренот, во палестинската енклава, немало знаци дека борбите стивнуваат. Израелската војска издаде наредби за евакуација во понеделникот за жителите на големи области во северниот дел на Појасот Газа, принудувајќи нов бран на раселување.

– Експлозиите не престануваа; бомбардираа училишта и домови. Се чувствуваше како земјотрес. На вестите слушаме дека примирјето е блиску, на теренот гледаме смрт и слушаме експлозии – рече 60-годишниот Салах, татко на 5 деца, од градот Газа.

Раселената жена Амани Свалха дала потресна изјава стоејќи на урнатините од училиште во Газа кое беше погодено во напад.

– Погледнете нè, не сме само бројки и фотографии. Секој ден маченици како овие. Тоа е наше право – да живееме, и да живееме со достоинство, не вака, во понижување – рече таа.

Меѓу убиените и деца, жени и новинар

Израелски тенкови влегле во источните области на квартот Зејтун во градот Газа и гаѓале неколку области на северот, додека авиони бомбардирале најмалку 4 училишта откако им наредиле на стотици семејства, кои се засолнувале во нив, да ги напуштат, велат жителите.

Најмалку 58 лица биле убиени во израелските напади во понеделникот, според здравствените власти, меѓу нив 10 лица убиени во Зејтун и најмалку 13 убиени југозападно од градот Газа. Медицински лица велат дека повеќето од 13-те биле погодени од огнено оружје, но жителите исто така пријавиле воздушен напад.

Дваесет и две лица, меѓу кои жени, деца и локален новинар, биле убиени во израелски воздушен напад врз кафуле на плажа во градот Газа, велат медицински лица. Палестинскиот синдикат на новинари изјави дека повеќе од 220 новинари биле убиени во Газа откако започна војната во октомври 2023 година.

Израелската војска соопшти дека погодила милитантни цели во северна Газа, вклучувајќи командни и контролни центри, по преземање мерки за намалување на ризикот за цивили.

Немаше веднаш коментар од Израел за пријавените жртви југозападно од Појасот Газа и за нападот на кафулето на плажа.

Бомбардирањето следува по нови наредби за евакуација на обемни области на северот, каде што израелските сили веќе дејствуваа претходно и оставија зад себе урнатини. Војската им наредила на луѓето таму да се движат на југ, велејќи дека планира да се бори против милитантите на Хамас кои дејствуваат во северна Газа, вклучувајќи и во срцето на градот Газа.

Израелците во Вашингтон паралелно преговараат за примирје

Паралелно со разговорите за можноста за примирје во Газа, Дермер исто така планира да разговара за евентуалната посета на Нетанјаху во Белата куќа во наредните недели, според извор запознаен со прашањето.

Во Израел, безбедносниот кабинет на Нетанјаху се очекува да се состане за да ги разгледа следните чекори во Газа.

Во петокот, израелскиот воен врховен командант рече дека сегашната копнена операција е блиску до остварување на своите цели, а во неделата, Нетанјаху изјави дека се отвориле нови можности за враќање на заложниците, од кои се верува дека 20 се сè уште живи.

Палестински и египетски извори, запознаени со најновите напори за примирје, изјавија дека посредниците Катар и Египет ги засилуваат контактите со двете завојувани страни, но дека сè уште не е одреден датум за нова рунда разговори за прекин на огнот.

„Важно е дали Израел ќе ја смени својата позиција“

Претставник на Хамас изјави дека напредокот зависи од тоа дали Израел ќе ја смени својата позиција и дали ќе се согласи да ја прекине војната и да се повлече од Газа. Израел, пак, вели дека може да ја заврши војната само ако Хамас биде разоружан и демонтиран. Хамас одбива да ги положи оружјата.

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави дека Израел се согласил со предложениот договор на САД за 60-дневен прекин на огнот и за размена на заложници, и ја префрли одговорноста на Хамас. Тој им рече на новинарите:

– Израел е сериозен во својата намера да постигне договор за заложниците и прекин на огнот во Газа.

САД предложија 60-дневен прекин на огнот и ослободување на половина од заложниците во замена за палестински затвореници и останки од други Палестинци. Хамас би ги ослободил останатите заложници како дел од договор кој би гарантирал крај на војната.

Војната започна кога борци на Хамас влегоа во Израел на 7 октомври 2023 година, убија 1.200 лица, поголем дел од нив цивили, и одведоа 251 заложник назад во Газа во изненаден напад што доведе до најсмртоносниот ден за Израел.

Потоа, израелската воена офанзива уби повеќе од 56.000 Палестинци, поголем дел од нив цивили, а според Министерството за здравство во Газа, офанзивата го расели речиси целото население од 2,3 милиони луѓе и ја турна енклавата во хуманитарна катастрофа.

Повеќе од 80% од територијата сега е израелска милитаризирана зона или под наредби за раселување, според ОН.

Поврзани содржини