ЕУ НАЈАВУВА ЗАЕДНИЧКИ РЕЗЕРВИ ЗА РЕТКИ МЕТАЛИ Бакарот во Македонија закопан заедно со проектите

Согласно експертите и достапните информации, Македонија располага со голем потенцијал за бакарна руда,а меѓу најголемите наоѓалишта се „Иловица – Штука“ и валандовски „Казандол“. Двата проекта за отворање рудници за бакар на овие локации повеќе од една деценија се во статус кво.

3,426

ЕУ најавува можност за заеднички ресурси за критични минерали, додека Македонија ги усогласува националните рамки за зелената транзиција

Геополитичката состојба предизвика Европската Унија забрзано да носи нови одлуки поврзани со снабдување со критичните минерални суровини, кои ѝ се неопходни за да се остварат целите за зелената транзиција.






– Земјите од Европската Унија треба да создадат заеднички резерви на ретки метали за да ги спречат прекините во синџирот на снабдување и да ги спречат економските уцени од Кина – изјави еврокомесарот за индустриска стратегија, Стефан Сежурн.

Тој, покрај предлогот за заеднички резерви, додаде дека ќе бидат објавени дополнителни тендери до крајот на годинава за изнаоѓање алтернативни извори на суровини.

– Сите европски земји денес имаат стратешки резерви за нафта и гас. Треба да го сториме истото и за стратешките суровини – дополни Сежурн.

Европската Унија кон почетокот на месецот објави 13 нови проекти за критични суровини кои се во земји надвор од Унијата со цел да ги зголеми своите залихи на метали и минерали неопходни за конкурентноста во енергетската транзиција, како и во одбраната и воздухопловството. Наjмногу се трага по литиум, кобалт, бакар, никел, но и други суровини.

Објавата следеше по одлуката на Кина во април да воведе ограничувања на извозот на ретки минерали.

– ЕУ има алатки да се одбрани во потенцијална трговска војна. Европа конечно мора да го користи истото оружје како и нејзините конкуренти – заклучи еврокомесарот.

Повиците на Унијата за заеднички резерви за критични минерали коинцидира со последниот Извештај за критични минерални суровини на Меѓународната енергетска заедница, според кој глобалните залихи на бакар нема да бидат доволни за побарувачката ширум светот.

Побарувачката за бакарот расте, бидејќи е клучна компонента во електричните возила, постројките за обновлива енергија како што се ветерниците и сончевите панел, но и за пренос на електрична енергија.

„И покрај силната побарувачка за бакар предизвикана од електрификацијата… тековните рударски капацитети укажуваат на потенцијален недостиг на понудата од дури 30% до 2035 година, поради намалувањето на количините на руда, зголемувањето на капиталните трошоци, ограничените откритија на ресурси и долгите рокови на испорака“, се наведува во извештајот.

Во меѓувреме, од Европската комисија стигна најава дека на 2 јули ќе лансираат „Платформата на ЕУ за енергија и критични минерали суровини“, со цел да им помогнат на компаниите од Унијата да го поедностават снабдувањето со стратешките енергетски производи и критични минерални суровини.

„Иницијативата има за цел да го искористи обемот на единствениот пазар на ЕУ за да ја зголеми безбедноста на снабдувањето, конкурентноста и напредокот кон зелената транзиција. Лансирањето е дел од пошироката стратегија на ЕУ за намалување на зависноста од увезени фосилни горива и обезбедување пристап до материјалите потребни за нејзините амбиции за зелената транзиција“, се наведува во написот.

На почетокот на 2025 година, Европската комисија одобри список од 47 стратешки проекти, односно рудници во рамки на Унијата за метали, кои опфаќаат екстракција, рафинирање и рециклирање на критичните минерали. Дополнително, овие проекти се поддржани и преку побрзо издавање дозволи и комбинирано финансирање. Новата платформа пак, е резултат на растечките геополитички и пазарни притисоци, вклучувајќи контрола на извозот на критични минерали и глобална конкуренција за енергетски ресурси.

Македонија, чие рударство сѐ помалку учествува во индустриското производство, нема проекти кои се насочени во забрзаната потрага по критични минерални суровини. На последниот енергетски форум, кој се одржа во Скопје, МЕФ 2025 владините претставници истакнаа дека мора да се инвестира. Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити истакна дека Министерството веќе работи на усогласување на националната еколошка и енергетска рамка со Европскиот зелен договор.

– Западен Балкан нема луксуз да избира меѓу економски развој и еколошка одржливост. Двете мора да одат заедно – или нема да одиме никаде – нагласи Меџити во обраќањето.

Дополнително и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани на форумот посочи дека динамичните геополитики ја засилиле неопходноста земјава да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија и поголема енергетска независност.

– Владата го ревидираше Националниот енергетски и климатски план, како целосно би се усогласил со Европскиот зелен договор и Договорот за енергетска заедница, а истовремено ги мобилизира сите достапни инструменти за финансирање, како што се Инвестициската рамка за Западен Балкан и ИПА III – истакна Муртезани.

Дилемите како Македонија ќе се приклучи кон остварувањето на целите на Унијата во потрагата на Брисел по критичните минерални суровини, веројатно ќе бидат наскоро кристализирани. Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини неодамна најавија дека во финална фаза се подготовката на нов Закон за рударство, но и на Стратегијата за минералните суровини, која иницијално започна да ја изготувува МАНУ. Согласно експертите и достапните информации, Македонија располага со голем потенцијал за бакарна руда, а меѓу најголемите наоѓалишта се „Иловица – Штука“ и валандовски „Казандол“. Двата проекта за отворање рудници за бакар на овие локации повеќе од една деценија се во статус кво.

Поврзани содржини