Политички олош

Историјата на светот е преполна со агресија и злосторства во името на некој бог, владетел, „цивилизација“, „право“…, но се чини дека дваесеттиот век, и ова што се случува во првите две децении на дваесет и првиот, е досега невидена ескалација на непримерено, неоправдливо, необјасниво насилство што може да се идентификува само со поимот – олош.

507

Изборот на зборовите во некаков негативен контекст ретко кога соодветствува со реалноста односно не успева да биде докрај објективен. Иако би требало, но човечкиот ум, дури и кога негативните чувства превладуваат, несвесно избира „попристојни“ варијанти. Меѓутоа, мислам дека во случајот со избраниот збор од насловот, а во контекстот на актуелната светска политичка сцена, тој е апсолутно точен. А може да се следи и во историски континуитет уште од Антиката – па и порано – до денес. Но, кога ја спомнувам историјата во вакви релации, пред сѐ мислам на тоа дека таа памети агресори, освојувачи, воинствени племиња/народи… Дел од нив често биле некако збирно вкалупени во поимот варвари. Тука можете да сместите сѐ и сешто: од Викинзи до Германи, од Франки до Словени, од Хуни до Скити, од Монголи до Османлии… и др.

Поимот инфериорни варвари прилепен како неизбришлива етикета врз овие народи особено бил омилен во речникот на самопрогласените „владетели на светот“, оние „големи“ цивилизации од времето на Египет, Атина, Рим, Византија и др., иако „варварите“, многу често и во многу нешта супериорно ги надминувале „цивилизираните“. Едни од нив, актуелни деновиве – Иран односно некогашна Персија – особено! А сепак, главниот „мотив“ за таа етикета била жестокоста на овие народи во одбраната на својата земја, честа и достоинството од „цивилизираните“ агресори. Многу слично како и денес, впрочем. Се разбира, речиси е невозможно да споредувате нивои на агресија – дури и злосторства од највисок степен – и омраза кон непријателот, небаре „цивилизираните“ оделе во освојувањата со книга и молив а не со меч и пиштол! Режисерот Roland Joffé тоа извонредно го „наслика“ во филмот „Мисија“.






И, секако, историјата на светот е преполна со агресија и злосторства во името на некој бог, владетел, „цивилизација“, „право“…, но се чини дека дваесеттиот век, и ова што се случува во првите две децении на дваесет и првиот, е досега невидена ескалација на непримерено, неоправдливо, необјасниво насилство што може да се идентификува само со поимот – олош.

Зашто тоа што се случувало во, на пример, Балканските војни, Првата и Втората светска војна, Хирошима и Нагасаки, Виетнам и Камбоџа…, и денес Газа и Иран, никако не може да се подведе под рационално однесување својствено на човекот како цивилизирано битие, уште помалку да се оправда со некакви геостратешки цели, а најмалку со возвишеното поимање на државниците како високоморални примери! А историјата како такви примери сигурно нема да ги памети Хитлер и Мусолини, Хирохито и Борис III, Рузвелт и Џонсон…, денес Нетанјаху но и Трамп.

Затоа и мислам дека зборот политички олош, со сиот багаж што го носи со себе, е најсоодветен за овие луѓе. Зашто нивното нецивилизирано и неморално однесување повеќе прилега на законот на дивината, на човекот-ѕвер, на патологија во современа камуфлажа… отколку на прогресивен демократски ум во потрага по нови простори на духот! Сето она што „големите цивилизации“ им го припишуваа на „варварите“ – примитивност, дивјаштво, бруталност, крволочност… – денес ги „краси“ токму „големите сили“, „напредните“ цивилизации, особено Западната. Впрочем, целата умислена прогресивност на оваа цивилизација, градена врз брутално пежоративниот однос кон сите други варварофони, денес го дистигнува својот врв!

Очигледно незадоволна од слабите ефекти на современите културни војни како нова фрома на агресија врз послабиот, Западната цивилизација се враќа кон отворената агресија, кон дивјачкото однесување и отворено понижување на „помалку вредните“. Односно, поточно: повторно ја потенцира и злоупотребува својата реална супериорност врз помалите, послабите, незаштитените, како и фингираната „дипломатија“ само како уште една повеќетонска бомба врз „варварите“. И овде не случајно ги употребувам зборовите реална супериорност бидејќи, како и во многу случаи претходно, станува збор несразмерна употреба на сила и вооружување, како и квазидипломатијата којашто е сведена на срамен дополнителен притисок во рацете на олошот. Како што шпанските конквистадори ги масакрираа јужноамериканските локални цивилизации со коњ, меч и артилерија, така денес современите американски конквистадори упортебуваат стелт технологија, наведувани ракети, 15 тонски бомби итн. Или израелските „смели“ трупи кои „ефикасно“ истребуваат голоракото население во Газа, претежно жени и деца!

Тоа се денешните потомци на хомо сапиенсот, оној – со право – толку славен семоќен Човек на израелскиот историчар Харари кој го смени текот на историјата. Го менува и денес, но со своите злодела! Има право и Жижек кога го цитира претседателот на Врховниот суд на Англија дека правдата не треба само да биде спроведувана туку треба да биде видливо дека е спроведувана. Но кој овде спроведува правда, и каква правда е тоа? Онаа улична правда на олошот, без суд и пресуда? Тоа ли денес Западната цивилизација го нарекувана правда? И оној олош ли е тој надлежен да ја спроведува, со најмодерно оружје, среде ноќ, кукавички ненајавено…? Или оние двајца подлизурковцивп куси панталони, едниот од 10 Downing Street другиот од  Palais de l’Élysée, кои скриени зад задникот на новиот светски шериф диктираат кој смее а кој не да има пристап до нуклеарно оружје? Или „Ursula bomb der Leyen“ и нејзиниот кукавички кабинет на кои им се тресат нозете при секое кивање на руската мечка, да не го спомнуваме кинескиот змеј? Уште поодвратен е оној Мерц кој го воспева Израел дека, замислете, ја врши туѓата валкана работа!

Тоа е тој денешен белосветски политички олош кој диктира „право и правда“, „нов светски поредок“ и секакви други глупости само и единствено со примената на неразумна и несразмерна гола сила против помали, послаби, немоќни. И дава меѓународен пример на друг сличен регионален олош. Впрочем, на злото не му е неопходна интелигенција, туку глупост и ограничена перцепција.

Оттука, Македонија е исправена пред речиси нерешлива морална дилема: да одбере зло во најчиста форма, да посакува да седне на иста маса со еден „Микрон“, Мерц, Каја Калас, Урсула „bomb“ дер Лајен…, со полуписмен пробисвет кој сака јазикот да ѝ го нарече „модерен“ а народот „сегашен“… И тоа да го смета за некаков напредок!?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини